• петок, 22 ноември 2024

Ракот на грлото на матката е четвртиот најчест канцер кај жените во светот, во просек кај нас заболуваат 150 жени годишно

Ракот на грлото на матката е четвртиот најчест канцер кај жените во светот, во просек кај нас заболуваат 150 жени годишно

Скопје, 29 јануари 2023 (МИА) – Ракот на грлото на матката е четврт најчест канцер кај жените, со над 600 илјади нови случаи во светски рамки. Во нашата држава, во просек секоја година 150 жени заболуваат, а 20 жени ја губат битката со оваа болест. Само со сеопфатен пристап на превенција, прегледи и лекување може да стави крај на карцином на грлото на матката како јавно здравствен проблем во само неколку генерации.

Како што објаснува за МИА специјалната претставничка на СЗО за Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје, д-р Ане Јохансен, примарната причина за карцином на грлото на матката е хуманиот папилома вирус (ХПВ). Тоа е, како што вели, многу заразна инфекција која се пренесува преку сексуален контакт или контакт кожа на кожа.

-ХПВ е исклучително чест вирус – 80 отсто од сексуално активните жени и мажи го добиваат во одреден момент од животот. Постојаната инфекција со високоризичен тип на ХПВ може да доведе до абнормални промени во клетките на грлото на матката. Овие промени се нарекуваат преканцерозни израстоци (или лезии). Ако не заздрават или не се отстранат, може да се развијат во карцином. Обично потребни се години за овие израстоци да се развијат во карцином на грлото на матката, вели д-р Јохансен.

Како што потенцира, помеѓу факторите на ризик се вбројуваат и возраста од првата бременост, три или повеќе полнорочни бремености, пушење цигари, ослабен имунолошки систем, ХИВ инфекција или присуство на други сексуално преносливи инфекции.

Симптомите на карцином на грлото на матката во рана фаза вклучуваат неправилно крварење меѓу менструалните циклуси или по менопаузата, зголемен вагинален исцедок со непријатен мирис, вагинално крварење по сексуален однос, болка во карлицата или болка за време на сексуалниот однос.

Симптомите на напредната фаза на карцином на грлото на матката вклучуваат постојана болка во грбот, нозете или карлицата, губење на тежината, замор, губење на апетит, непријатен исцедок и вагинална непријатност и отекување на ногата или на двата долни екстремитети.

Карцином на грло на матка најчесто се развива кај жените од 20 до 45 години

Специјалната претставничка на СЗО за Северна Македонија вели дека карциномот на грлото на матката е еден од најчестите видови на карцином што ги погодува жените, со околу 69.000 случаи и 30.000 смртни случаи регистрирани годишно во Европскиот регион на СЗО.

 

Таа додава дека поверојатно е оваа болест да се развие кај жени на возраст од 20 до 45 години, а инциденцата е поголема во земјите кои немаат ефективни организирани програми за скрининг на карцином на грлото на матката.

Во текот на 2021 година во државава беа регистрирани 179 нови случаи на карцином на грлото на матката, односно 5,5 проценти од вкупно евидентираните случаи со карцином во државата, додека пак инциденцата изнесува 19,34/100.000 женско население, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија.

Согласно поделбата на десет најчести примарни локализации на карцином кај жени во нашата држава за 2021 година, карциномот на грлото на матката се наоѓа на шесто место, а пак на прво место е карциномот на дојка.

Во 2020 година пак, имало околу 604.000 случаи на карцином на грлото на матката и 342.000 смртни случаи поради истиот ширум светот.

Од Министерството за здравство за МИА информираат дека во нашата држава, во просек секоја година 150 жени заболуваат од рак на грлото на матката, а 20 жени ја губат битката со оваа болест. 

Потребно информирање, едукација, вакцинирање, скрининг преглед

Во рамки на месецот за подигање на свеста за карциномот на грлото на матката, главните пораки кои беа упатени е задолжително информирање и едукација на жените за карциномот на грлото на матката, скрининг преглед и вакцинирање со две дози до ХПВ вакцината.

-Пораките се јасни – информирајте се. Дознајте ги фактите за карциномот на грлото на матката и хуманиот папилома вирус (ХПВ) што го предизвикува. Помогнете да ги едуцирате и другите жени во вашиот живот. Направете скрининг преглед. Скринингот за карцином на грлото на матката обично започнува на 30-годишна возраст и периодично се повторува. Вакцинирајте се. ХПВ вакцината се дава во две дози кои треба да започнат кога девојчето е помеѓу 9 и 14 години. Со ХПВ вакцина во Северна Македонија се вакцинираат само девојчиња, со наполнети 12 години, со давање на две дози на вакцина, на растојание од шест месеци, вели д-р Јохансен за МИА.

Специјалната претставничка на СЗО за Северна Македонија уверува дека кога ќе се дијагностицира, карциномот на грлото на матката е една од најуспешно излечливите форми на карцином, доколку се открие рано и ефикасно се менаџира. Карциномот дијагностициран во доцните фази, исто така, може да се третира со соодветен третман и палијативна нега.

 

Покрај тоа што се спречуваат преку вакцинација против ХПВ, преканцерозните лезии лесно може да се откријат преку скрининг преглед пред да развијат во карцином.

Вакцината за ХПВ е речиси 100 отсто ефикасна во спречувањето на повеќето ХПВ инфекции кои може да резултираат со преканцерозна состојба и карцином.

-Кога ќе се откријат, преканцерозните лезии може да се третираат и да се избегне карцином. Програмите за скрининг, исто така, можат да го откријат карциномот во рана фаза кога третманот има поголем потенцијал за излекување. Воведувањето на ХПВ вакцината пошироко, во комбинација со организиран скрининг за карцином на грлото на матката, има потенцијал да спаси многу животи, особено кај помладите жени, додава д-р Јохансен.

Како што појаснува, главните третмани за карцином на грлото на матката се хирушка интервенција, радиотерапија и хемотерапија, што може да доведе до долгорочни здравствени проблеми, вклучително и неплодност.

Д-р Јохансен потенцира дека организираните програми за скрининг овозможуваат откривање на преканцерозни лезии, кои доколку се третираат правилно може да го спречат развојот на инвазивен канцер.

Министерството за здравство организира скрининг за рана детекција, кампањи за подигнување на свеста

Од Министерството за здравство за МИА информираат дека организираат скрининг за рана детекција на карцином на грлото на матката. За закажување превентивен преглед за рана детекција на карцином на грлото на матката, како што велат, достапна е веб платформата „https://skrining.zdravstvo.gov.mk/“.

Оттаму потенцираат дека за тековната 2023 се продолжува со организираниот скрининг за жени на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Прегледот во рамки на скринингот за оваа возрасна група е бесплатен за жената.

 

-Министерството за здравство е фокусирано на унапредување на женското здравје и за таа цел се реализира континуирана кампања за промоција и подигнување на свесноста за ова заболување, а со цел рано откривање, што може да спаси живот. За таа цел, се спроведува скрининг за рано откривање рак на грло на матката, со бесплатен преглед и ПАП тест кај матичниот гинеколог за жените на возраст од 21 до 59 години, кои во последните три години немаат направено ваков преглед, посочија од Министерството.
 
Тие информираат дека со организиран скрининг, минатата година, биле опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немале направено ПАП тест.
 
-Веб платформата skrining.mk е директно поврзана со системот МојТермин и матичниот гинеколог веднаш добива информација за пријавени пациентки, по што ги известува пациентките во кој термин е закажан прегледот. Согласно распоредот предвиден во планот за ПАП тестирање, матичниот гинеколог ги повикува жените информирајќи за точниот датум и час кога треба да се направи ПАП тестот. Исто така и матичните гинеколози можат да вршат пријавување на пациентки на оваа возраст и согласно план и распоред да ги повикуваат, велат за МИА од Министерството.
 
Како што појаснуваат, од април месец 2022 година, до крајот на минатата година, веб платформата ја искористиле вкупно 17.204 пациентки, од кои за 12.194 пациентки бил земен ПАП тест.
 
Инаку, во буџетот за 2023 година за Програмата за рана детекција на малигни заболувања се предвидени 23.570.000 денари.
 
Бисера Трајковска
 
фото „pexels.com“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан