Ракометниот Супер куп за Еурофарм Пелистер
- Ракометарите на шампионот Еурофарм Пелистер го освоија Супер купот откако вечерва во Кавадарци во натпревар со неизвесна завршница го совладаа Куп победникот Вардар со 28:27
Кавадарци, 3.септември 2025 (МИА) – Ракометарите на шампионот Еурофарм Пелистер го освоија Супер купот откако вечерва во Кавадарци во натпревар со неизвесна завршница го совладаа Куп победникот Вардар со 28:27.
Први резултатски се одлепија „црвено-црните“ кои по 6:6 во 25.минута поведоа со 13:9 за највисоки + 4. Но, битолчани успеаја до крајот на првиот дел да намалат на 13:12.
Почетокот на вториот дел беше во знакот на шампионот и по само неколку минути Еурофарм Пелистер дојде до водство, кое постепено го зголемуваше и во 52.минута беа највисоките +4 (26:22). Во 57.минута Вардар со серија од 4-0 изедначи на 26:26.
Во 58.минута Виктор Гогов одбрани седмерец, а на спротивната страна со одбрана се истакна Давид Брестовац. По новиот седмерец за битолчани, дојдоа до водство од 27:26 со голот на Дејан Манасков. Јапонецот Харуки Кавада изедначи на 27:27 од седум метри. Усама Хосни постигна гол за победа 28:27 за шампионот на четири секунди до крајот. Воедно тоа беше негов 10.ти гол.
По прегледување на видео снимката судиите Божиновски – Начевски досудија дека стартот на Манасков над Талески бил регуларен.
Еурофарм Пелистер го освои третиот Супер куп.
Фото: Фејсбук РК Еурофарм Пелистер