Пјонгјанг заклучи дека првите случаи со Ковид-19 дошле од регионот близу границата со Јужна Кореја
- Првите пациенти имале контакт со „неидентификувани работи“
Пјонгјанг, 1 јули 2022 (МИА) - Северна Кореја заклучи дека до првите случаи на зараза со коронавирус во земјата дошло во регионот близу границата со Јужна Кореја. Како што денеска јавија државните медиуми, првите пациенти имале контакт со „неидентификувани работи“.
Објавувајќи ги резултатите од своите наоди, Северна Кореја упати повик до граѓаните да бидат „будни“ во поглед на „непознати работи“ што доаѓаат со ветрот и други климатски појави и балони во подрачја долж линијата на разграничување и границите“.
Познато е дека 18-годишен војник, чие име е Ким, како и петгодишно дете со презиме Ви, биле во контакт со неидентификувани материјали на ридот околу касарната и станбените области во Ифо-ри на почетокот на април, пишува државната новинска агенција КЦНА.
Тие потоа имале симптоми и биле позитивни на коронавирус.
Ифо-ри е регион во округот Кумганг на источниот брег на земјата, близу границата со Јужна Кореја.
„Резултатите од истрагата покажаа дека неколку лица, кои во средината на април дошле од областа Ифо-ри во главниот град, имале температура, а меѓу нивните контакти регистрирано е нагло зголемување на случаите со треска“, наведува КЦНА. бд/паг/