• понеделник, 23 декември 2024

Проф. д-р Биљана Ангелова ја презеде ректорската функција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје

Проф. д-р Биљана Ангелова ја презеде ректорската функција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  - Скопје

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Мојата одговорност е да го продолжам наследството од вредности, да ја продолжам традицијата на врвен квалитет во високото образование и науката, да се заложувам за реализација на автономијата и за јакнење на универзитетот, истакна професорката на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, и проректор за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова, на која денеска и беше предадена должноста ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На свеченото примопредавање на должноста ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, проф. д-р Ангелова истакна дека и е чест да се биде ректор на најголемиот, најстариот, најзначајниот државнотворен универзитет на Македонија, кој, како што рече, е универзитет кој повеќе од седум децении негува традиција на врвен квалитет во високото образование и во науката.

 - Оваа мисија не е само голема чест, туку и уште поголема одговорност, нагласи таа.

 

Проф. д-р Ангелова додаде дека постигнувањето на овие цели не е лесно.

 - Патот е долг, трнлив, полн со предизвици, но само ако го чекориме сите заедно и ако сите заедно работиме на унапредување на нашиот УКИМ, ќе го направиме посилен, подобар и повлијателен. Нашата мисија ќе биде отворен универзитет со високи вредности кој ќе стане видлив на меѓународниот високообразовен научноистражувачки простор, истакна проф. д-р Ангелова.

Поранешниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, проф. д-р Никола Јанкуловски рече дека новата ректорка во два мандати му била прв соработник, била проектор за финансии, инвестиции и развој, со што како што истакна, таа одлично ја познава работата, функционирањето на универзитетот, ги познава проблемите и сите предизвици кои што постојат на универзитетот во целокупното негово работење.  

- Сметам дека ректорката ќе придонесе и понатаму во зацврстување и развивање на позицијата современ европски универзитет во високообразовниот европски простор со што мислам дека ќе станеме дел од големото академско семејство на универзитети кои што се реномирани во Европа и во Светот, истакна Јанкуловски.

На свечениот настан присуствуваше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој на новата ректорка и посака успех во работата заедно со академскиот кадар, асистентите...

Проф. д-р Биљана Ангелова, за ректорка беше избрана на 30 мај по спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во составот на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Нејзиниот мандат истекува на 15 септември 2026.

Проф. д-р Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992 година, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006-2008 година била раководител на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ. сан/ев/

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан