• вторник, 24 декември 2024

Протест во Атина против задолжителната вакцинација на здравствените работници (Фото)

Протест во Атина против задолжителната вакцинација на здравствените работници (Фото)
Атина, 2 септември 2021 (МИА) – Вакцинирани и невакцинирани вработени во грчките државни болници, организирани од нивната Федерација, одржаа нов, мирен протест пред Министерството за здравство на Грција и пред грчкиот Парламент, против задолжителната вакцинација, а дел од учесниците во разговор со дописничката на МИА од Атина објаснија дека не се против вакцината, туку едноставно не се согласуваат имунизацијата за нив да биде задолжителна. Од вчера сите невакцинирани вработени ќе бидат на принуден, неплатен одмор, а според претседателот на Федерацијата на вработени во државните болници Михалис Јанакос, нивната бројка е околу 10.000 лица. Паралелно, објасни дека нема случаи вирусот да се шири во болниците и вакцинирани се 90 отсто од вработените. Ставот на учесниците во денешниот протест е дека ја поддржуваат вакцинацијата, не се антиваксери, но, сепак, сметаат дека не смее да биде задолжителна.  - Навистина не знам како да го карактеризирам ова што се случува од вчера. Владата брка вработени, во моментите кога на болниците им требаат 30-40.000 нови вработувања, вели вработена во атинска болница. Во разговор со дописничката на МИА од Атина истакна дека таа лично е вакцинирана и не е против вакцината, исто како и мнозинството од нејзините колеги, но додава дека „постојат колеги кои од свои причини не сакаат да се вакцинираат“ и тоа, според неа, не треба да биде причина за губење на платите. Со сличен став е и нејзина колешка, која вели дека „од херои сега станале лекари без морал“. - Ние сме во првите борбени редови во битката со Ковид-19. Пред една и пол година ни велеа дека сме херои, тогаш кога вирусот беше нов, а сега, ненадејно сме без морал и сме опасни дека ќе го шириме вирусот, вели вработена во државна болница и додава дека постојат колеги што имаат природен имунитет, кои прележале Ковид-19 и имаат антитела, иако се поминати повеќе од шест месеци. На протестот во центарот на Атина, учествуваа и вработените во брзата помош со 12 возила, додека, пак, пред Министерството за здравство, заедно со демонстрантите беше и одговорниот за здравство во опозициската СИРИЗА Павлос Полакис. Дел од невакцинираните здравствени работници во Грција веќе добија решенија за принуден одмор, а грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на извори од Министерството за здравство на Грција, синоќа објави дека биле издадени 5.895 решенија за принуден, неплатен одмор. Протест, исто како и минатиот четврток, освен во Атина, се одржа и во Солун. Мерката, што грчката Влада ја соопшти во јули, вчера стапи на сила, а на принуден неплатен одмор заминуваат оние кои не примиле најмалку една доза од вакцината или немаат потврда за прележан Ковид-19 во изминатите шест месеци. ср/паг/ Фото: МИА

Остани поврзан