• сабота, 21 декември 2024

Протестот во Тирана „Правда за Јонада“ помина мирно

Протестот во Тирана „Правда за Јонада“ помина мирно
Тирана, 8 август 2022 ( МИА) - Под мотото „Правда за Јонада" вечерва пред Министерството за внатрешни работи во Тирана, се одржа вториот протест по трагичната смрт на седумгодишната Јонада Авдиа во Химаре на 2 август. Девојчето го загуби животот кога полицискиот комесар Арјан Тасе со чамец го удрил и го усмрти на самото место. Семејството Авдиа живеело две децении во Велика Британија, а во Химаре биле дојдени на одмор. Како и на првиот протест насобраните граѓани побараа оставка од министерот за внатрешни работи Бледи Чучи, министерката за туризам Мирела Кумбаро, но и директорот на државната полиција Гладис Нано. Овој пат дел од нив извикуваа дека прв треба да замине премиерот Еди Рама. Еден од нив беше и познатиот адвокат Адриатик Лапај, кој во врска со изјавата на Рама дека протестите се исполитизирани рече дека „владите се за да преземат мерки за да не доаѓа до трагедии, а не да изразуваат сочувства“. Друг упати прашање до Рама како ќе постапел доколку на местото на девојчето бил неговиот син Зако и му порача „замини господине што побрзо зашто заминувањето ќе ти биде срамно". Протестот, како и оној одржан во четвртокот, беше поддржан од демократите, приврзаници на Сали Бериша и на Партијата на слободата на Илир Мета. Околу зградата на Министерството и на Владата беа распоредени големи полициски сили. На готовност беа и специјалните полициски единици. Протестот пред МВР мина мирно а заврши со истурање црвена боја на ѕидовите од објектот симболично претставувајќи ја крвта на Јонада. Потоа учесниците на протестот, кои овој пат ги имаше многу помалку заминаа пред Владата, каде кусо се задржаа и се разотидоа. вт/ми/

Остани поврзан