• недела, 17 ноември 2024

Промовиран Локалниот совет на млади во Кочани

Промовиран Локалниот совет на млади во Кочани
Кочани, 12 април 2022 (МИА) – Локалниот совет на млади на Општина Кочани одржа јавна трибина на која го промовираше своето конституирање и приоритетите за дејствување во рамки на годишната програма за работа. На настанот присуствуваа претставници од младинските и средношколските организации, на граѓански и политички здруженија кои опфаќаат млади, членови на општинскиот Совет и граѓани, пред кои беа претставени заложбите за јакнење на младинските капацитети, обезбедување на работни простории, еколошки и спортски активности, како и едукации и вклучување на младите во промовирањето на локалната средина. - Присутните на трибината дадоа свои предлози во делот активноста на Локалниот младински совет во културата, туристичка промоција на градот Кочани, родовата сензибилност и застапеност, јакнење на младинските капацитети преку обуки и едукации и фондови за проектно вклучување на младинското тело. На трибината стана збор и за Стратегијата за млади на општина Кочани која е појдовна точка во која се детектирани потребите на младите и нејзино имплементирање во понатамошната работа на младинскиот совет, истакна Иле Матеничарски, претседател на Локалниот совет на млади од Кочани. Согласно изнесените предлози, младинскиот совет ќе креира годишна програма за работа што треба да ги отсликува реалните потреби на младите во општината, а за чија реализација ќе бидат вклучени сите засегнати страни во заедницата. Иницијативата за формирање Локален младински совет во Кочани за првпат беше промовирана пред осум години, а по неколку неуспешни обиди, ова институционално тело се конституираше на почетокот од годинава, кога беше избрано и петчленото претседaтелство.та/фф/

Остани поврзан