Промовирана двојазичната сликовница „Кога ќе пораснам и јас сакам да бидам како Карло“ од Десанка Николова
- Во големата сала на Општина Кисела Вода, пред многубројната публика беше промовирана двојазичната сликовница „Кога ќе пораснам и јас сакам да бидам како Карло“ од велешката и македонска авторка Десанка Николова.На настанот присуствуваа претставници од општината како и од Амбасадата на Р.Хрватска во Скопје, деца од училиштата од Општина Кисела Вода како и деца од четвртто одделение ООУ „Ванчо Прке’ од Штип заедно со нивната наставничка Милена, а кои интерпретираа драматизација на текстот од сликовницата. Настанот беше збогатен и со настап на учениците од Средното Музичко училиште „Сергеј Михајлов" од Штип.
Скопје, 4 април 2026 (МИА) - Во големата сала на Општина Кисела Вода, пред многубројната публика беше промовирана двојазичната сликовница „Кога ќе пораснам и јас сакам да бидам како Карло“ од македонската авторка Десанка Николова.
На настанот што се одржа синоќа присуствуваа претставници од општината како и од Амбасадата на Хрватска во Скопје, деца од училиштата од Општина Кисела Вода како и деца од четвртто одделение од ООУ „Ванчо Прке“ од Штип заедно со нивната наставничка Милена, кои интерпретираа драматизација на текстот од сликовницата.
Настанот беше збогатен и со настап на учениците од Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов" од Штип.
Како што изјави за МИА авторката Десанка Николова, инаку велешанка, сликовницата е проект на Здружението на Хрватите во Македонија „Либертас“, реализиран со поддршка на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ – Штип. Илустрациите се дело на Сара Каурин, додека рецензијата е на проф. д-р Снежана Мирасчиева од Факултетот за образовни науки при УГД Штип.
- Настанот, на кој главниот јунак Карло симболично ,,ги запозна“ своите нови другарчиња, имаше за цел да ја разбуди детската фантазија, да ја поттикне љубопитноста и да ја доближи љубовта кон книгата и пишаниот збор уште од најрана возраст, појасни Николова. 
Таа потенцира дека овој проект претставува значаен придонес во зацврстувањето на пријателските односи меѓу двете земји, Македонија и Хрватска, градејќи културни мостови преку детската литература, афирмирајќи ја културната дипломатија како моќен инструмент за поврзување на народите уште од најрана возраст.
Воедно, со настанот беше одбележан 2. април Светскиот ден на литературата за деца.
По промоцијата во Загреб, Штип и Скопје, авторката Десанка Николова најави наскоро промоција на сликовницата и во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во нејзиниот роден Велес, а потоа и во други градови во земјава и странство. ад/вг/
Фото: од приватната архива на Десанка Николова