Промовирана аудио книгата „Вистина или лудост“ од Оливера Трајковска
- Аудио книгата „Вистина или лудост“ на авторката Оливера Трајковска беше промовирана во Занаетчискиот дом во Куманово во знак на одбележување на Светскиот ден на слепите лица.
Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Аудио книгата „Вистина или лудост“ на авторката Оливера Трајковска беше промовирана во Занаетчискиот дом во Куманово во знак на одбележување на Светскиот ден на слепите лица.
На промоцијата се читаа раскази од аудио книгата која веќе е поставена на веб страницата на Националниот сојуз на слепи на Северна Македонија (НСССМ). Според авторката на книгата, целта на оваа промоција е да стави акцент дека е доволен само еден миг за да бидете дел од нечија среќа.
-Слепите лица заслужуваат еднаков третман во општеството и сите може да сториме многу по тоа прашање, нормално доколку имаме волја, рече Трајковска.
Настап на промоцијата на книгата имаше младата Марија Стоилковска, слепа девојка која ги завршува студиите по политички науки, но исто така се занимава со пеење. Самиот процес на реализација на аудио книгата финансиски е потпомогнат од Снежана Станојковиќ, сопственичка на компанијата „Бучен Козјак“, а наредната недела ќе излезе и печатеното издание на книгата која ќе биде пуштена во продажба, од кој поголемиот дел од средствата ќе бидат наменети за слепите лица.
Наратор на аудио книгата е Цветанка Вељковска, млада актерка која живее и работи во Германија и е повеќегодишна соработничка на авторката Трајковска при реализација на низа заеднички настани и проекти од културата. Содржините за аудио книгата се снимени во домашното студио на младиот музичар Јован Цветковиќ, додека компјутерската обработка е на Зоран Тасевски и Драган Трајковски. љм/са/
Фото: Занаетчиски дом - Куманово