• петок, 22 ноември 2024

Проект против нелегалните активности во тешко пристапните терени на „Галичица“ и „Маврово“ и „Вевчански извори“

Проект против нелегалните активности во тешко пристапните терени на „Галичица“ и „Маврово“ и „Вевчански извори“
Струга, 21 мај 2021 (МИА) – Заштитата на живоиновиот смил од националниот парк „Галичица“, салепот од националниот парк „Маврово“ и жолтата линцура од споменикот на природата „Вевчански извори“ ќе бидат во фокусот на проектот „Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја,“ кој НатураМК почна да го реализира во соработка со националните паркови и споменикот на природата. Овие ендемски примероци, како што соопшти НатураМК, можат да се најдат во планинските предели високи над 1.650 мнв, во склоп на заштитените подрачја во Северна Македонија. Дел од нив, според информацијата, се наоѓаат на Националната црвена листа, па дури и на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата како видови кои треба да се заштитат. - Одбравме да работиме за високопланинските предели на заштитените подрачја токму поради тоа што се тешко достапни, а воедно и податоците кои се однесуваат за овие предели се ретки и површни, изјави Анела Ставревска -Панајотова од НатураМК. Посочи дека во иднина НатураМК преку социјалните мрежи ќе споделува информации, со кои ќе ја едуцира јавноста да ги препознае нелегалните дејствија кои ѝ штетат на природата и да ја ангажира да се вклучи во борбата против нив. Воедно, ќе побараат начин за нивно решавање во рамките на локалната заедница, но и на ниво на национални политики. Раководителот на одделението за заштита на природа при ЈУНП Галичица. Андон Бојаџи посочува дека установата во последниве неколку години прави сериозен напор да го рефокусира управувањето од оддржливо користење на природните ресурси во интегрална заштита и зачувување на природните вредности на паркот кои биле причина за негово прогласување. - Ваквата определба пропратена е со активности на повеќе полиња од зголемувањето на базата на податоци за природното наследство, промоција и презентација на вредностите за подигнување на свеста за потребата од нивна заштита и подобрување на непосредната заштита, изјави Бојаџи. Градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски, кој управува со заштитеното подрачје споменик на природата „Вевчански извори“ посочи дека се соочува со големи предизвици за справувањето со нелегалните активности од аспект на човечки, технички и финансиски капацитети. - Примарната цел на визијата утврдена во Планот за управување е да се обезбеди заштита и зачувување на природното наследство и животната средина, притоа овозможувајќи услови за развој на одржлив еко-туризам во функција на локален економски развој и едукација со одржливо користење на природните ресурси. Целта на општина Вевчани со усвојувањето на оваа долгорочна визија е преку вклучување и активно учество на засегнатите страни, локалните чинители и невладини организации кои работат на ова поле, сè повеќе природните вредности да ги ставаат во функција на заштита, унапредување на животната средина и природата во локалитетот и пошироко, рече Јанкоски. Активностите се дел од грантовата шема од проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II 2019-2022 година“ спроведуван од Светскиот фонд за природа - WWF Adria, а поддржан од Шведската меѓународна агенција за развој и соработка – SIDA. сс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан