• петок, 22 ноември 2024

Продолжува седницата на Надзорниот одбор на М-НАВ за промена на раководството

Продолжува седницата на Надзорниот одбор на М-НАВ за промена на раководството

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) – Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ денеска треба да ја продолжи седницата  што ја почна вчера, а на која треба да се доенсат одлуки за промени на раководството.

Седницата следува по насоките што надзорниот одбор ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов -  да ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ.

Како што најавија вчера од М-НАВ, седницата на Надзорниот одбор ќе продолжи се до комплетирање на целокупната документација, со лиценци, дозволи,... за сите услови што треба да се исполнат од страна на предложените кандидати од Владата за членови на Управниот одбор.

По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.

Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.

Кандидатот за нов извршен директор Хекуран Асани е вработен во „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и инструктор за областа контрола на летање  (OJTI).  Како вработен во М-НАВ и контролор на летање, ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

Кораќ, пак, е раководител-инструктор за електроенергетика во „М-НАВ“, а претходно 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.  Од нив, веднаш беа приведени четворица, а на 12 јануари уште еден од другите четворица по кои се трага. На приведените им е определена мерка куќен притвор. По препорака од Владата, Инспекторатот за труд веќе изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на „М-НАВ“ и синдикатите и треба да подготви записник. Препорака од Владата доби и Агенцијата за цивилно воздухопловство, да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а проверки вршеше и Управата за финансиска полиција.

По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за  вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк. лв/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан