• понеделник, 23 декември 2024

Прилеп добитник на награда на ЕУ за најзелена општина

Прилеп добитник на награда на ЕУ за најзелена општина
Скопје, 6 јуни 2022 (МИА) - Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, денеска ќе го посети Прилеп, каде на градоначалникот Борче Јовчески ќе му врачи награда за најзелена општина. Делегацијата на Европската Унија ја промовираше „Наградата за најзелена општина“ во рамките на нејзината кампања за подигање на свеста и промовирање на Зелениот договор на ЕУ. На отворениот повик, објавен на 3 март 2022 година по повод Светскиот ден на дивиот свет, сите општини во Северна Македонија беа поканети да аплицираат со прикажување на нивните најдобри примери за управување со цврст отпад во 2021 година. Осум општини - Берово, Центар (Скопје), Кавадарци, Охрид, Пехчево, Прилеп, Тетово и Зелениково учествуваа на повикот презентирајќи ги своите водечки активности со кои придонесоа за подобра животна средина во 2021 година. Одборот за евалуација, составен од експерти од Делегацијата на ЕУ, Гоу Грин, Еко-свест и претставник на Јуроп Хаус ги стави Кавадарци и Прилеп во потесен избор за последователни теренски проверки за да ги проверат информациите презентирани во нивните апликации. -Одборот за евалуација го препозна Прилеп како општина која најдобро ја покажа еколошката практика во областа на управувањето со отпадот во 2021 година. Амбасадорот Дејвид Гир ќе ја има честа да му ја врачи наградата за „Најзелена општина 2021“ на градоначалникот Јовчески на 6 Јуни 2022 година во Прилеп, се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Доделувањето на наградата ќе биде извршено рамките на конференцијата „Најдобра практика за управување со комунален отпад – затоа што немаме резервна планета“ организирана во рамките на проектот ЕУ за општините финансиран од Европската Унија. Во рамки на посетата „ЕУ со ТЕБЕ“ на Прилеп евроамбасадорот Гир ќе ја посети и  Пречистителната станица – инвестиција од ЕУ вредна осум милиони евра која го подобрува квалитетот на водата, како и квалитетот на животот на прилепчани од 2019 година. Подоцна, амбасадорот Гир и градоначалникот Јовчески ќе го посетат Прилепското езеро, чиј статус на спортско-рекреативен комплекс во хармонија со природата беше подобрен со поддршка од ЕУ вредна 0,47 милиони евра. Амбасадорот Гир ќе се сретне со граѓанските организации од Прилеп за да разговара за прашања поврзани со младите, зајакнувањето на Ромите и подобрата велосипедска инфраструктура. сст/дма/  

Остани поврзан