• вторник, 05 ноември 2024

Прилепскиот угостителски сектор заинтересиран за бескаматни кредити и проширување на дејноста

Прилепскиот угостителски сектор заинтересиран за бескаматни кредити и проширување на дејноста
Прилеп, 15 јули 2021 (МИА) - Прилепскиот угостителски сектор е заинтересиран да користи од бескаматниот кредит Ковид 4. Според Јордан Момироски, претседател на здружението за угостителство и за туризам „Меанџии“ заинтересирано прашуваат, но им требаат повеќе информации. - Денеска почна пријавувањето за бескаматните кредити Ковид 4, за услоите и можностите. Има заинтересираност. Голем дел ги исполнуваат условите, особено со намалениот обем на работа што го имавме. Може уште еден кредит да се земе, ако претходно навремено се подмируваат ратите. Сега е поволност што грејс-периодот е 12 месеци, а ако вложиш и ако вработиш, имаш 50 отсто грант-неповратни средства. Ги упатувам кај книговодителите кои треба целосно да бидат информирани, вели Момироски. Во здружението се 85 членки со околу 800 вработени. Момироски смета дека ситуацијата е постабилизирана, немало многу отпуштања, зашто не ќе можеа да користат од ковид-мерките, што беше условот да ги задржат вработените. Сега е проблемот со недостиг од работна сила. - Се отвори пазарот на трудот. Многу млади заминаа во Хрватска, германија, каде имаа работено и има недостиг од работна сила. А од друга страна, самиот недостиг од работна сила ги поттикна угостителите да ги зголемат платите за 20 до 30 насто. Самата побарувачка на пазарот на трудот ја диктира цената, објаснува Момироски. Покрај раздвиженоста на пазарот на трудот, има интерес за проширување на дејноста. Се отвораат нови објекти. -Има интерес да се вложува и да се проширува дејноста и покрај сите ситуации. Еве во Прилеп се отворија четири до пет објекти. Тоа го прави конкуренцијата и вложувањето во угостителството е најдостапен начин, вели Момироски. Прилепското здружение за угостителство и туризам „Меанџии“ доби канцеларија во старата општинска зграда за да им излезе во пресрет на барањата на угостителите и субјектите во туризмот и можност за решавање на проблемите. ем/цр/

Остани поврзан