• понеделник, 23 декември 2024

Признанија за повеќекратните крводарители од Кочани по повод Светскиот ден на крводарителството

Признанија за повеќекратните крводарители од Кочани по повод Светскиот ден на крводарителството
Кочани, 14 јуни 2022 (МИА) – Општинската организација на Црвен крст од Кочани денеска организираше свеченост по повод 14 Јуни – Светскиот ден на крводарителството, на која им беа доделени признанија и награди на повеќекратните крводарители од кочанскиот регион. За рекордер, со 100 крводарувања, беше прогласен Звонко Илиев, а покрај него меѓу најдобрите се вброија уште четворица хумани граѓани за активно учество на 50 крводарителски акции во општина Кочани. -Со овој настан сакаме да ја истакнеме важноста на крводарителството за спасување човечки животи, а истовремено да им оддадеме почит на хуманите сограѓаник кои покажаа несебичност на досегашните акции што ги организираме. Ова е наша долгогодишна традиција што успешно ја продолжуваме, а ги истакнуваме позитивните примери за пет, десет, дваесет и пет, педесет и сто пати дарувана крв. Упатуваме благодарност и до граѓаните, но и до правни лица и институциите кои несебично ни помагаат во реализацијата на активностите, истакна Анета Коцева, секретарка на општинскиот Црвен крст – Кочани. Најдобрите крводарители упатија апел до младите да покажат хуманост и да се вклучат во редовните крводарителски акции што ги организира Црвен крст. -Од пред шест месеци сум во пензија, но тоа нема да ме спречи да продолжам со крводарувањето, ако ме служи здравјето и ако добијам лекарска согласност. Им порачувам на младите да го следат нашиот пример и да помогнат во спасувањето животи, затоа што како долгогодишен возач во Итната медицинска помош во Кочани и самиот видов што значи да му се помогне некому при сообраќајна несреќа или за друг вид потреба од крв, истакна крводарителот рекордер Звонко Илиев. Признанија за поддршката и помошта при организирањето на крводарителските акции од општинскиот Црвен крст – Кочани им беа доделени и на Службата за трансфузиологија во Општа болница, на Одделението за внатрешни работи и на локалните телевизиски станици. та/сст/

Остани поврзан