• вторник, 25 јуни 2024

Претставени новитетите за натамошна дигитализација на царинското работење

Претставени новитетите за натамошна дигитализација на царинското работење
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Тим експерти од Царинската управа, предводен од директорката Славица Кутиров, денеска на бизнис заедницата и ги претстави поволностите кои преку новите системи и функционалности, во процесот на дигитализација, се воведуваат во царинското работење за поддршка на конкурентноста на домашните компании. Пред околу сто претставници од економските оператори и стопанските комори во државата беа претставени новитетите и развојните активности за унапредување на електронскиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД). Со нив е најавено автоматско пуштање на стоките во слободен промет најмногу за еден час, автоматизирање на постапките за издавање на царински одобренија и акцизни дозволи и електронско приложување на документи кон барањата за дозволи и одобренија. Со развојот на системот за интегрирана тарифна околина (ИТО), во периодот што претстои ќе се воведе единствена авторизација и автентификација на корисници преку СОЦДАД, електронско поднесување на барање, известување и издавање на Задолжителна тарифна Информација. Преку надградба на ЕXIM системот за издавање на дозволи, како што велат од Царината, во 2023 година на економските оператори ќе им биде овозможено електронско плаќање на надоместоци, електронска проверка на дозволите за патен превоз од Министерство за транспорт и врски и размена на податоци со системот на Министерство за внатрешни работи. Министерот за финансии Фатмир Бесими во поздравно обраќање на презентацијата го истакна значењето на заедничките активности на Министерството за финансии и Царинската управа. -Дигитализацијата на Царината е од огромна важност за олеснување на трговијата и подобрување на услугите кон економските оператори. Со започнување на скрининг процесот, дигитализацијата на Царината ќе биде од исклучителна важност за добивање позитивен извештај во делот на политиките од областа на Царината, а како основа во функционирањето на единствениот пазар. Од особено значење е твининг проектот „Подобрување на наплатата на приходите, даночната и царинската политика“ кој Царинската го спроведува заедно со Министерството за финансии и Управата за јавни приходи. Овој проект, но и останатите проекти каде Царинската управа е лидер во успешната реализација, е од исклучително значење за истакнување на перформансите на оваа институција, истакна министерот Бесими. Директорката Кутиров ги претстави проектите за дигитална трансформација на царинското работење, кои се составен дел од Акциониот план за развој на Царинската управа во наредните три години. -Дигиталната трансформација на Царината е опфатена преку повеќе проекти и активности во сите области, за кои се обезбедени финасиски средства и се дефинирани тимовите кои работат и ќе работат на нив. Овие проекти опфаќаат развој на повеќе нови ИКТ системи, поделени главно во две области: системи кои ќе имаат влијание на подобрување на услугите за економските оператори, олеснување на царинските постапки, кои се дел од Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ, и тоа: нов компјутеризиран транзитен систем (NCTS 5), нов национален едношалтерски систем, систем за регистрација и идентификација на економските оператори и автоматизиран систем за управување со цариснките терминали; како и системи кои ќе влијаат на поефикасни контроли, поефикасна наплата на приходи, а со тоа и на намалување на сивата економија - воведување на нов систем за видео надзор и автоматско препознавање на регистарски таблички, нов систем за управување со контролите и истрагите и систем за следење на тутунски производи - Track&Trace, рече Кутиров. Освен за дигитализацијата, на настанот се зборуваше и за постигнатиот напредок во регионалната интеграција, односно за придобивките од активностите на Царинската управа во рамки на иницијативата Отворен Балкан и преку ЦЕФТА, кои значително придонесуваат за забрзување на протокот на стоки. На граничниот премин Табановце оваа година се обезбеди непречено функционирање на концептот „One stop shop” и воведени се нови ленти за движење на товарни и патнички моторни возила. Зелените коридори фунционираат со земјите членки на ЦЕФТА, а од неодамна и со Република Грција. Постигнато е меѓусебно признавање на одобренијата за Овластен економски оператор со Република Србија, а во завршна фаза е процесот на меѓусебно признавање на овој концепт и со Република Албанија. Како што информира Царинската управа, за време на настанот, во отворена дискусија помеѓу присутните, се разменија предлози и размислувања за заедничко надминување на идните предизвици во процесот на унапредување на постапките и обезбедувањето на подобрени услови и услуги за економски оператори. Истакнато беше дека вакви средби се од голем интерес за сите страни, со цел да се олеснат царинските постапки, да се подобри соработката помеѓу царината и деловната заедница, што ќе помогне во елиминирање на сивата економија, промовирање на економскиот раст и развој на државата.лв/сст/    

Остани поврзан