• петок, 27 декември 2024

Претседателот Пендаровски го прими ученикот со натпросечна интелигенција Македон Димитриевски

Претседателот Пендаровски го прими ученикот со натпросечна интелигенција Македон Димитриевски
Скопје, 19 мај 2022 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими Македон Димитриевски, ученик во второ одделение во ОУ „Лирија“ од Тетово, кој поседува натпросечна интелигенција. Во разговор со Македон, Пендаровски бил запознаен со афинитетите, интересите, досегашните успеси, вештини и знаења кои ги поседува седумгодишниот ученик, како и со неговите желби и предизвици во иднина. Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, тој истакнал дека му претставува особена чест што има можност да го запознае малиот генијалец, со кој се гордее нашата држава и да го охрабри и поддржи неговиот иден севкупен развој. - Овие ученици се од посебен интерес за нашето општество и заслужуваат максимална посветеност од страна на државата, рекол претседателот на средбата, посочувајќи дека е неопходно институциите да создадат стимулативна средина која ќе го поддржи, поттикне и насочи развојот на децата со натпросечна интелигенција. Надарените и талентирани ученици, нагласил Пендаровски, имаат комплексни образовни потреби, што претставува посебен предизвик за образовниот систем и ја наметнува потребата од индивидуализирани програми адаптирани на надарените ученици. Шефот на државата му честитал на Македон за освоениот златен медал на натпреварот „Математика без граници“, во конкуренција на 4000 учесници од 22 земји од светот, и му посака уште многу успеси во иднина. Македон поседува коефициент на интелигенција 134, говори повеќе странски јазици меѓу кои арапски и кинески, одлично ја усовршил астрономијата, а во фокусот на неговиот постојан интерес е математиката каде поседува знаење соодветно за средно образование. цр/лв/

 

Остани поврзан