• сабота, 16 ноември 2024

Претседателот Пендаровски ги додели признанијата „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Претседателот Пендаровски ги додели признанијата „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска ги врачи инженерските прстени на 12 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини. Тој ги охрабри младите инженери да се вклучат во глобалниот натпревар на идеи и решенија што можат да придонесат за поодржлив раст и развој за Северна Македонија, за регионот и за Европа.

Во обраќањето на 20. јубилејна церемонија на „Инженерски прстен“, претседателот Пендаровски нагласи дека оваа манифестација во континуитет ја симболизира посветеноста на генерации млади луѓе кон инженерската професија и претставува потсетник за обврската да не се отстапува од високите професионални и етички стандарди на струката. 

- Не случајно денешнава 20. јубилејна церемонија се совпаѓа со Светскиот ден на животната средина. Инженерите имаат клучна улога во изнаоѓањето на одржливи технолошки решенија за климатските промени и за заштитата на животната околина. Успесите што многу наши млади луѓе ги постигнуваат на меѓународните натпревари и конкурси сведочат дека македонската инженерска заедница не заостанува зад колегите од странство. Затоа, ве охрабрувам да се вклучите во глобалниот натпревар на идеи и решенија што можат да придонесат за поодржлив раст и развој за Северна Македонија, за регионот и за Европа, порача Пендаровски.

Добитници на признанието „Инженерски прстен 2023“ беа Елена Настеска од Архитектонски факултет, Димитар Гошев од Градежен факултет, Моника Шаревска од Машински факултет, Вероника Стојановска од Технолошко-металуршки факултет, Бојан Софрониески - Факултет за електротехника и информациски технологии, Симона Цветковска од Факултет за земјоделски науки и храна, Милена Трајаноска од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Ники Петрески од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Ева Ристова од Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Антонио Андоновски од Природно математички факултет, сите од  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Ана Михаиловска од Факултет за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Сара Петковска од Технички факултет Битола при Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Манифестацијата „Инженерски прстен“, која традиционално е под покровителство на претседателот на државата, а во организација на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, се одржа во претседателскиот Кабинет. сх/аа/

Фото: Кабинет на Претседател

Остани поврзан