• понеделник, 23 декември 2024

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими македонските претставници на 56. Меѓународна олимпијада по хемија

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими македонските претставници на 56. Меѓународна олимпијада по хемија

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги примила македонските претставници на 56. Меѓународна олимпијада по хемија, што од 21 до 30 јули се одржа во Саудиска Арабија и на која освоија еден сребрен и еден бронзен медал.

Во конкуренција на 327 ученици од 84 држави, Петар Мирчевски, ученик во трета година во гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, освои сребрен медал, додека Марио Ванчовски, ученик во трета година во гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип, освои бронзен медал.

Забележителни резултати имаа и останатите двајца македонски претставници - Иван Костевски, ученик во трета година во гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип и Елена Живаљевиќ, ученичка во трета  година во средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје.

На средбата, на која присуствувале и нивните ментори од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и професори на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, Марина Стефова и Миха Буклески, претседателката Сиљановска-Давкова упатила честитки за одличните резултати, истакнувајќи дека нивното постигнување треба да биде поттик и инспирација за сите млади луѓе што се занимаваат со научно-истражувачка работа.

-Претседателката Сиљановска Давкова оддаде признание и за нивните постигнувања на претходни меѓународни и домашни натпреварувања. Истовремено, претседателката Сиљановска-Давкова ги истакна своите заложби за изнаоѓање на одржливо системско решение за логистичка и финансиска поддршка на идните учества на македонски преставници на слични натпреварувања, соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова. хс/цр

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија 
 

Остани поврзан