• понеделник, 04 ноември 2024

Претрпеното насилство не треба да предизвикува срам - да бидеме гласни против родово базираното насилство, порача Тренчевска

Претрпеното насилство не треба да предизвикува срам - да бидеме гласни против родово базираното насилство, порача Тренчевска
Скопје, 13 јули 2022 (МИА) - Насилството не смее да се премолчува и затскрива, а претрпеното насилство не треба да предизвикува срам, туку напротив во борбата против насилството врз жените и семејното насилство треба да бидеме гласни, со цел негово спречување и обесхрабрување на лицата потенцијални вршители на насилството, порача министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на денешната прес-конференција за промоција на кампањата „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“. Оваа кампања Министерството за труд и социјална политика ја спроведе во соработка со Амбасадата на Холандија во земјава. - МТСП со поддршка на Холандија ја започна кампањата „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“. Спроведувањето на националните кампањи треба да биде пракса да трае континуирано, бидејќи тоа е алатка за јакнење на јавната свест и препознавање на насилството во делот средината каде владеат традиционалните стереотипи, семејната традиција како воспоставена пракса на однесување и нерамномерна распределеноста на моќта во семејството, истакна Тренчевска. Како што посочи таа, од голема важност е уште од најрана возраст да се развива свесноста и да се едуцираат децата да ги препознаваат и гласно да зборуваат против сите форми на насилство, вклучувајќи го и насилството врз девојчињата и жените. - Постојаното гласно зборување и дејствување против родово базираното насилство ја зајакнува борбата и не прави уште посилни и солидарни во добивање на оваа важна битка, а кампањите како оваа што денес ја започнуваме е потсетник дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство, додаде Тренчевска. МТСП минатата година го донесе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, информираше министерката и појасни дека одредбите јасно кажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата преку сеопфатни интегрирани политики одлучно се посветува на превенцијата и заштитата на жртвите на родово базирано насилство врз жените и на семејното насилство. - Владата формираше Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството на жените и семејното насилство коешто е надлежно за следење на политките од областа на родовото базирано насилство и семејното насилство. Преку добро воспоставената мрежа на Министерството за труд и социјална политика и министерствата за здравство, правда, образование и наука и внатрешни работи, Јавното обвинителство, Судот, претставници од Собрание и сите останати членови кои го сочинуваат координативното тело, министерката вели дека значително се намалува времето за спречување на насилството, но и за решавање и справување со неговите последици. Исто така, се воспоставени сервиси за жени жртви на насилство во планските региони на цела територија на државата. Воспоставени се 13 центри за жени жртви и нивните деца, 10 специјализирани советувалишта, осум специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство. Услугите кои ги добиваат опфаќаат заштита, поддршка, безбедност и добросостојба на жртвите на насилство. Добиваат безбедно сместување и советување и обезбедување на информации за своите права. Се работи и на економско јакнење на жртвата. За време на престојот, целта е да се овозможи активно вклучување на пазарот на трудот, имајќи го предвид фактот дека економската зависност е причината што жртвата се враќа кај насилникот и повторно да биде изложена на нови обиди на вршење насилство. - Само заедно со заедничка борба може да ја добиеме борбата против насилството. Еден апел до жртвите на родово базирано насилство, не сте сами, тука сме како институции, пред сè како луѓе да го спречиме и превенираме, но и да ги заштитиме сите девојки кои во еден момент може да се најдат во синџирот на насилство, порача министерката Тренчевска. Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп во своето обраќање истакна дека му претставува задоволство што денеска го завршуваат овој проект, но тој не треба да заврши тука. - Иако го поздравувам донесувањето на новиот Закон, одредбите треба да почнат да се спроведуваат во пракса и да станат дел од промената на размислувањето на луѓето во северна Македонија. Насилството против жените и девојчињата сè уште е многу раширено, нема да исчезне преку ноќ, но наша обрвска е ова прашање секогаш да биде во центарот на вниманието, порача холандскиот амбасадор. Министерката за труд и социјална политика дополнително информираше дека статистиката за жртвите на родовобазирано насилство ја добиваат преку Центрите за социјална работа, преку шестмесечни извештаи. Таа додаде дека има зголемување на мерките што ги користат жртвите на насилство, а работат и на проширување на мрежата на услуги на жртвите на семејно насилство. - Зголемениот број за пријави на насилство укажува дека кампањите и работата на Центрите за социјална работа покажуваат дека не се молчи и дека жртвите се охрабруваат, а секако тука се и кампањите за спречување на родово базираното насилство, вели Тренчевска. ки/сп/ https://www.youtube.com/watch?v=juJRxRfNPqs&feature=youtu.be

Остани поврзан