• сабота, 23 ноември 2024

Препораки од АЕК по зачестените кибернапади во државата и регионот

Препораки од АЕК по зачестените кибернапади во државата и регионот
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) - Во врска со зачестените кибер-напади во државата и регионот, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT) препорачуваат организациите од јавниот, владиниот и приватниот сектор да извршат безбедносна процена на своите ИКТ системи и услуги и да имплементираат и применуваат превентивни мерки и процедури за заштита од кибер напади и инциденти. Од АЕК истакнуваат дека најважна работа за организациите e да се погрижат да се воспостават основите на кибер безбедност за да се заштитат нивните вработени, корисници на услуги, информации, уреди, мрежи и системи. Наведуваат активности кои имаат за цел организацијата да се осигура дека се поставени и правилно функционираат основните контроли за кибер хигиена и безбедност. Според АЕК, високо приоритетни активности што треба да се применат во најкраток рок се: -Навремено ажурирање на системски и апликациски софтвер и хардвер со последни јавно достапни верзии од производителите -Проверка и ревизија на пристапот, преку повремена промена на лозинки, воведување на најава со повеќе фактори, ограничено користење на сметки со администраторски пристап и евиденција на активностите во дневници/Logfiles -Проверка на мерките за одбрана, преку навремено ажуриран и активен антивирусен софтвер на сите уреди и системи, и со периодично тестирање на правилата за интернет сообраќај поставени на огнениот ѕид/Firewall -Надзор и евиденција на пристап и кориснички активности, преку запишување на секоја активност во дневници / Log files, и алармирање за невообичаени активности -Тестирање и ревизија на политиките за бекап и валидација за исправен бекап, со проверка дали политиките и процедурите за снимање на заштитена копија од важните податоци одговараат на потребите на организацијата, како и проверка на снимени копии од податоци со нивно „враќање“ – за да знае организацијата дека снимените податоци се во ред. -План за одговор на инциденти, со идентификувано лице на кое вработените треба му да пријавуваат сомнителни активности и кое ќе ги организира активностите поврзани со справување со инцидентот – со крајна цел што побрзо да се врати нормално работење на организацијата -Безбедност на интернет и јавни услуги и сервиси, преку спроведување на надворешно безбедносно скенирање, по што треба да следи период на поправка на најдени слабости, и воспоставени директни контакти со Интернет провајдерот за брз одговор во случај на DDoS напади -Одговор на фишинг-напади, преку едукација на вработените како да препознаат лажни пораки и кому да пријават -Безбедност на соработници и трети лица/страни, преку проверка и ревизија на ресурсите до кои организацијата им овозможува пристап на надворешни лица и фирми, вклучитлено и компаниите кои се ангажирани за одржување на ИКТ системите -Пријава на инциденти и сомнителни активности, во склоп на организацијата и до MKD-CIRT. Споделете информации со MKD-CIRT и на тој начин ќе помогнете да се заштитат и другите организации во државата. При тоа, MKD-CIRT пред да сподели пријавена информација, истата ќе ја направи анонимна и не споделува податоци за пријавувачот со трети страни/лица. MKD-CIRT, како што велат од Агенцијата, им препорачува на сите организации во државата да ги имплементираат и користат минималните мерки за кибер-безбедност кои се наведени во шемата за само-оценување „Сајбер Одговорна Организација“ за што може да се најдат повеќе информации на линкот: https://mkd-cirt.mk/odgovorno-rabotenje-na-internet/. АЕК укажува и на потребата од користење на услуга за Надворешна кибер-безбедносна проверка на веб апликации (надворешно скенирање на веб-сајтови). Таа услуга е бесплатна за операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, организации од јавен и владин сектор и оператори на критична инфраструктура во државата. Со оваа услуга организацијата ќе добие извештај за најдени слабости на своите веб-сајтови кои криминалците може да ги искористат, како и насоки како да ги поправи. Повеќе за услугата на: https://mkd-cirt.mk/usluga-za-proverka-na-veb-aplikacii/. За подигање на јавна свест за значењето на кибер-безбедноста и за едукација на вработените, Агенцијата предлага следење на бесплатни основни онлајн обуки за кибер-безбедност наменети за вработени и менаџери, кои се достапни на порталот за едукација на MKD-CIRT на: https://lms.mkd-cirt.mk/. Обуките се достапни на македонски и албански јазик. Агенцијата за електронски комуникации воедно апелира до MKD-CIRT да се пријавуваат кибер-инциденти и сомнителни пораки и активности на е-поштата: Info@mkd-cirt.mk. лв/нд/

Остани поврзан