• понеделник, 25 ноември 2024

Премиерите на Украина и Катар на средба во Киев за потребата од иницијативата „Житото од Украина“

Премиерите на Украина и Катар на средба во Киев за потребата од иницијативата „Житото од Украина“

Киев, 28 јули 2023 (МИА) - Украинскиот премиер Денис Шмигал и катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, кој ја извршува и функцијата министер за надворешни работи, денеска се сретнаа во Киев и заедно ја истакнаа потребата од продолжување на иницијативата „Житото од Украина“, објави Укринформ.

Шмигал за време на заедничката прес-конференција со неговиот катарски колега, истакна дека „повлекувањето на Русија од договорот за жито во Црното Море, нејзините злосторства против човештвото, воените злосторства и геноцидот врз украинскиот народ бараат итен и решителен одговор од светската заедница“.

Според него, излегувањето на Русија од Договорот за жито ги загрозува животите на милиони луѓе, не само во Украина, туку и насекаде во светот, особено во Африка, Азија и конкретно на Блискиот Исток.

„Заедно со премиерот и министерот за надворешни работи на државата Катар, ја истакнавме важноста од обновување на Црноморскиот договор за жито“, рече Шмигал.

Русија го раскина Црноморскиот договор за жито на 17 јули, на последниот ден од рокот на договорот склучен во јули минатата година со посредство на ОН и Турција во врска со иницијативата „Жито од Украина“.

Истовремено, беше најавено дека Катар ќе обезбеди хуманитарна помош во вредност од 100 милиони долари за Украина за поддршка на здравствената заштита, образованието и операциите за деминирање на земјата на нејзините територии. паг/

Фото: Твитер

Остани поврзан