• сабота, 23 ноември 2024

Прекината работата на Собранието по двочасовна расправа преку процедурални забелешки

Прекината работата на Собранието по двочасовна расправа преку процедурални забелешки
Скопје, 5 април 2021 (МИА) - Жолчната расправа во Собранието продолжи и вечерва по двочасовната пауза. Координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Парламентот повеќе од два часа, преку процедурални забелешки, расправаа дали да се гласа за 21 точка од 32-та седница и потоа да продолжи 36-тата седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да продолжи 36 седница, на која се и три закони од петтиот пакет антикризни мерки. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум. Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница. Опозиционерите одлучија да излезат од салата за да не создадат кворум за гласање по точките од 32 седница. Џафери забележа дека на списокот за евиденција како присутни во Собранието се пријавиле 101 пратеник, кои треба да бидат во собраниската сала и ги читаше нивните имиња, како што рече, за да слушнат граѓаните кои се пратениците кои земаат плата, а не учествуваат во работата на Собранието. - Пратениците имаат обврска да присуствуваат во салата, а нивно право е дали ќе гласаат или нема да гласаат, или пак, ќе учествуваат во дебатата или нема да учествуваат. Не можам секој ден да плаќам патни трошоци за 101 пратеник, а во сала да бидат присутни 58 или 59 пратеници, рече Џафери, кој ја искритикува опозицијата дека го блокира Собранието, а пратениците дека ги спроведуваат партиските одлуки наместо да работат во интерес на граѓаните. - Се повикувате дека работите за граѓаните, тогаш повелете работете за нив, рече Џафери. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев му посочи на Џафери дека кога не може да се создаде кворум, тогаш треба да го прифати ултиматумот од опозицијата, на што претседателот на Собранието рече дека не прифаќа ултиматуми. По двочасовна расправа Џафери ја прекина 32-та седница и најави дека е можно да предложи карантин за Собранието. Претходно, во законодавниот дом заврши тридневната расправа за Националната стратегија на спречување на корупција. ир/сп/

Остани поврзан