• петок, 22 ноември 2024

Прв инфоден за младинскиот предизвик „Генерација без граници“, повикот отворен до 14 јуни

Прв инфоден за младинскиот предизвик „Генерација без граници“, повикот отворен до 14 јуни
Скопје, 26 мај 2022 (МИА) - На првиот инфоден за третиот младински предизвик „Генерација без граници“ (Generation Unlimited), кој го организираат УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, повеќе од 60 млади луѓе, средношколци и студенти подетално се информираа за годинешниот предизвик на тема: „Технологија за планетата – Дигитални технологии за справување со климатските промени“. Оваа година, предизвикот за млади го спроведува Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21. На вчерашниот настан во просториите на Телеком, Марија Василевска од БЛИНК 42-21 зборуваше дека предизвикот е отворен за сите млади од 16 до 24 години, коишто ќе се организираат во тимови од 3 до 5 учесници. Таа сподели и неколку факти во врска со климатските промени и важноста од преземање акција на денешните генерации. На инфоденот, учесниците имаа можност да слушнат и конкретни примери за веќе развиени мобилни апликации коишто придонесуваат за поздрава животна средина. Имено, Горјан Јовановски, основач на Air Care - Мој Воздух и Стефан Алексиќ, основач на Challenger.mk ги споделија своите лични искуства за развојот на овие мобилни апликации. Тие говореа за начинот на кој ја креирале и имплементирале својата идејата, но и за важноста истата да биде применлива, реално остварлива и одржлива во заедницата во која живееме, но и во други држави. Во делот за дискусија, младите прашуваа за уникатноста на идеите, поставеноста на нивниот тим, вештините кои треба да ги поседуваат во оваа почетна фаза од предизвикот и сл. Тие се уверија дека е доволно само да се креира квалитетна идеја, којашто во следните фази ќе се развива со поддршка од стручни ментори, кои имаат долгогодишно искуство во делот на животната средина и ИТ, информраат организаторите. Повикот за овој младински предизвик е активен до 14 јуни, а во следните денови ќе бидат одржани инфо-сесии и во други градови. На 31 мај (вторник), од 14:00 часот, ќе се одржи инфо-ден во Струмица, во просториите на Europe House. На 1 јуни (среда), младинскиот предизвик ќе биде претставен и пред средношколците и студентите во Крива Паланка. И овој настан, ќе се одржи во просториите на Europe House со почеток од 11:00 часот. Младите луѓе секојдневно можат да се информираат за предизвикот преку следење на Facebook настанот: https://fb.me/e/2mQv4pCND. лв/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан