• понеделник, 23 декември 2024

Прва заедничка средба на корисниците на двата дома од сервисната услуга „Живеење со пoддршка“ од Велес и Градско

Прва заедничка средба на корисниците на двата дома од сервисната услуга „Живеење со пoддршка“ од Велес и Градско
Велес, 28 октомври 2022 (МИА) - Во социјалната сервисна услуга „Живеење со поддршка" на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености-Велес денеска беше одбележан 46. роденден на нивната  корисничка Анета. За оваа пригода првпат се реализираше средба на корисниците од двата дома во Велес и Градско. Ова беше нивна прва средба по напуштањето на Специјалниот Завод „Демир Капија", информира за МИА, Далиборка Златева, претседател на ова велешко здружение. -Многу насмевки, прегратки и убаво расположение за повторната средба. На средбата тие заедно играа и игра Бочија, специјализирана игра за овие лица со посебни потреби, рече Златева. Стручниот тим и асистенките на социјалната сервисна услуга „Живеење со поддршка", заедно со волонтерите на ЗЛЦПДП-Велес на корисничката Анета и посакаа среќен роденден со желби за здравје и среќа, а ова беше повод првпат да се дружат во просторијата на здружението во Велес. Инаку, таа претстојува во домот во Градско. Корисниците на оваа социјална сервисна услуга се сместени по пет во куќа која се наоѓа под Саат кулата во Велес и во куќа во Градско. Златева потсети дека по напуштањето на СЗ „Демир Капија“ во Велес лицата се сместени во куќа веќе десет месеци, а месец и половина петте лица се во куќата во Градско. За нив се грижат по пет асистенти во двете куќи, или вкупно десет. Куќите за овие лица се од отворен тип и нив можат да ги посетат и со нив да се дружат и да им помагаат сите заинтересирани граѓани. -Со тоа ќе придонесат и за нивно побрзо социјализирање во општеството и тие ќе бидат среќни и ќе почувствуваат дека се наши рамноправни сограѓани, потенцира Златева. Таа воедно и во оваа прилика искажа искрена благодарност до невладината организација CeProSARD и проектот „Заедно за повеќе можности и поддршка"-ТИМОР кои ја поддржаа реконструкцијата на четири дома, нивната функционалност и можноста лицата со попреченост да бидат деинституционализирани од СЗ "Демир Капија". ад/ев/     А.Д.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан