• понеделник, 23 декември 2024

Првата дама Ѓорѓиевска се обрати на настанот „Скрининг во прв триместар од бременоста“

Првата дама Ѓорѓиевска се обрати на настанот „Скрининг во прв триместар од бременоста“

Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Првата дама, Елизабета Ѓорѓиевска денеска се обрати на настанот „Скрининг во прв триместар од бременоста“ организиран од Светската асоцијација за перинатална медицина во координација со Македонската асоцијација за фетална медицина, информираат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Обраќајќи се пред присутните, како што информираат, Ѓорѓиевска истакнала дека со поддршка од Обединетите нации, Северна Македонија направила конкретни чекори во подобрување на матерналните и неонатални исходи, при што нагласи дека не смееме да се задоволиме со овие резултати, туку мора да се стремиме кон унапредување на перинаталното здравје и искоренување на перинаталната и неонаталната смртност.

-Во центарот на нашите напори мора да биде реформата за подобро фетално и мајчино здравје, што треба да овозможи секоја бремена жена и новороденче да имаат пристап до здравствени установи со капацитет кои овозможуваат висококвалитетна, безбедна и ефективна грижа во согласност со нивните специфични здравствени потреби. Односот кон најранливите категории најгласно зборува за вистинскиот карактер на општеството, истакна таа.

Со цел да се постигне оваа цел, според нејзе, потребно е да се вложува во интензивни и континуирани обуки за сите здравствени работници, од гинеколози и акушери, преку неонатолози, па се до медицински сестри и акушерки.

Настанот е посветен на феталната медицина и здравјето на мајката и идното новороденче, кои секогаш се во фокусот на глобалната агенда во здравството и напорите ширум светот, со крајна цел – постигнување на најдобри можни исходи кај оваа вулнерабилна група. ки/дма/

Остани поврзан