• понеделник, 23 декември 2024

Пошта на Северна Македонија подготвува веб апликација за е-трговците

Пошта на Северна Македонија подготвува веб апликација за е-трговците
Скопје, 19 август 2022 (МИА) -  На барање на корисниците, во фаза на изработка е веб апликација која ќе им овозможува на е-трговците брз, едноставен и сигурен пристап до услугата за достава на нивните производи до купувачите, како и следење на пратките во секој момент, информира во интервју за МИА Васко Стефанов, директор на АД Пошта на Република Северна Македонија. Наплата на производите од купувачите и уплатата на сметка на корисникот, тврди Стефанов, се врши на сигурен и безбеден начин, со почитување на сите законски прописи, со што нашите корисници се заштитени од ризикот на сивата економија. Пошта на Северна Македонија соработува со најголемите светски платформи за е-трговија (aliexpress, alibaba и сл.), а нарачаните производи од овие платформи ги доставуваме до крајната адреса, односно до нашите корисници. Продолжената ковид пандемија и тековната економско-енергетска криза им ги намалила приходите и во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај. Во првите три месеци од годинава остварените приходи на Поштата се за 84 милиони денари помали од остварените расходи. Приходите од поштенски услуги во внатрешниот сообраќај во првиот квартал  изнесуваат 212 милиони денари, а во делот на меѓународниот  47 милиони денари. Структурата на приходите во првите три месеци од годинава покажува дека 83 проценти се обезбедени од поштенски услуги, 13 проценти од финансиски, а четири проценти  од хибридна пошта и други услуги. - Во првиот квартал од годината состојбата во пакетскиот дел останува непроменета, но интензивно работиме на носење нови клиенти, а финализиран е и договор со еден од нив. Очекувам позитивен тренд, вели Стефанов, во интервјуто што МИА ќе го објави утре. По генералниот штрајк во претпријатието во април годинава,  од 1 јули е исполнето барањата на синдикатите за линеарно покачување на нето платите на вработените во износ од 3000 денари за поштарите и шалтерските работници. За администрацијата во Поштата покачувањето е со платата од месецов. Истовремено, како што вели Стефанов, со двете синдикални организации се работи и на реорганизирање на доставните подрачја, систематизација како и на подобрување на условите за работа на вработените, набавка на мопеди и велосипеди и работни униформи за поштарите и шалтерските работници. лв/са/

Остани поврзан