Почна изградбата на кружните сообраќајни решенија кај Момин Поток
- Почна изградбата на кружните сообраќајни решенија кај зоната Момин Поток во Општина Карпош. Се предвидува изградба на два кружни тека. Првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8
Скопје, 20 јули 2021 (МИА) - Почна изградбата на кружните сообраќајни решенија кај зоната Момин Поток во Општина Карпош. Се предвидува изградба на два кружни тека. Првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“, а вториот да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница.
Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар „Словенија“, каде што се поврзува со булеварот „Словенија“ и со булеварот „Босна и Херцеговина“.
Градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов денеска по увидот во работите кај Момин Поток, изјави дека станува збор за најкомплексниот сообраќаен проект во државата, вреден 16 милиони евра. Како што рече, парите се обезбедени од буџетот на градот Скопје.
-Станува збор за изработка на кружен тек со шест коловозни ленти, четири од нив се дигаат на девет метри, и влегуваат во ридата кај касарната Илинден, каде што се изведува вториот кружен тек, со што ќе овозможиме да имаме непречено движење на сообраќајот без застој и без семафори. Станува збор за место каде дневно се движат 25 до 30 илјади возила, со што знаат скопјаните, какви гужви се создаваат, изјави Шилегов.
Тој посочи дека токму овој потег е можеби е највидлива стратегијата на развојот на Градот Скопје. Потсети дека лани ја прошириле улицата „Пластичарска“, годинава го пуштиле булеварот „Никола Карев“, а минатата година ја реконструирале и „8 Септември“, сега со ова ја затвораат целината на оваа делница од градот.
-Инвестирањето во инфраструктурата во овој дел од градот е императив, токму заради тоа што мислиме дека со развојот на инфраструктурата добиваме на развојот на градот, меѓутоа развивајќи ја оваа инфрастурктура го намалуваме и притисокот за урбаното живеење од другата страна на градот, со што би спречиле урбанистичка девастација, рече скопскиот градоначалник.
Според Шилегов, Градот Скопје нема опција освен стретешки да се развива. -Градот Скопје нема опција освен да не престане да се развива. Токму заради тоа очекувам граѓаните да имаат разбирање, бидејќи овој потег заради сопствената комплексност ќе се изведува во наредниве две до две ипол години, додаде тој.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска по увидот кај Момин Поток посочи дека изгрaдбата на два кружни текa и нова инфраструктура значително ќе придонесе во намалување на сообраќајниот метеж, во побрз проток на возила и развој на овој дел од Општината и Градот.
Тој појасни дека оваа клучка претставува тесно грло за граѓаните на Општина Карпош, на Скопје но и на многумина други кои на дневно ниво ротираат на овој потег.
-Градот Скопје во саботата ја заврши изведбата на булеварот „Никола Карев“, а денеска започнуваат активности за решавање на еден децениски проблем. Општина Карпош континуирано вложува во подобрување на инфраструктурата во Момин Поток и Криви Дол. Паралелно, донесени се и детални урбанистички планови за овој дел, делот околу касарнта Илинден, изјави Богоев.
На овој начин, како што рече, се создаваат услови за намалување и дисперзирање на градот од централните населби, кон северниот дел на опоштината и градот.
Премиерот Зоран Заев посочи дека Владата обезбедува максимална финансиска политичка и друга неопходна поддршка за проектите кои се од најголем интерес за граѓаните и што ги спроведуваат општините и Градот Скопје.
Тој напомена дека кога ќе бидат завршени овие две сообраќајни решенија кои опфаќаат и два моста на реката Серава, и дополнително коловозни ленти и крстосници, ќе се обезбеди лесен и непопречуван проток на над 25 илјади автомобили дневно, колку што изнесува фрекфенцијата на овие булевари.
-Освен модерните и функционални сообраќајни решенија и изградбата на патната инфраструктура според највисоки стандарди со овие зафати ќе се осигура поефикасно меѓуопштинско поврзување на општините Центар, Чаир, Капрош и општина Бутел, изјави Заев по увидот на Момин Поток.
Тој рече дека ова е третата фаза од целосната реконструкција на булеварот „Никола Карев“ кој започна со делницата од надвозникот кај Битпазар, и со која се реши познатата „Пластичарска“, се до касарната Илинден.
-Втората делница беше пуштена во саботата и ја опфати делнциата на булеварот „Никола Карев“ од касарната Илинден до клучката кај Момион Поток. Оваа делница во должина од 980 метри се прошири на четири сообраќајни ленти со зеленило и нови пешачки патеки од двете страни. Администрацијата на град Скопје во изминатиот период ги реконструираше и најфрекфентите улици во градот, и над 20 клучки со модерни и фуинкционални решенија, рече Заев.бт/ки/