• петок, 22 ноември 2024

Почна жетвата на есенските жита во Кочанско, приносите кај јачменот повисоки од лани

Почна жетвата на есенските жита во Кочанско, приносите кај јачменот повисоки од лани
Кочани, 28 јуни 2021 (МИА) – Земјоделските производители од кочанскиот регион ја почнаа жетвата на јачменот, со што стартуваа активностите за прибирање на овогодишната реколта на есенските жита. Добиените приноси на самиот почеток најавуваат дека може да се очекуваат за дваесетина отсто поголеми количини од минатогодишните, за што влијание имаа поволните временски услови во текот на вегетацијата. -Минатата есен во кочанскиот регион беа засеани над 4.600 хектари со јачмен и пченица, од кои се планира да се добијат близу девет илјади тони лебно жито и околу седум илјади тони јачмен. Сепак, временските услови имаа различно влијание кај двете култури, поради што кај јачменот се очекува принос и над 400 килограми од декар, што е повеќе од просекот за нашиот регион. Наспроти тоа, кај пченицата ќе има извесно потфрлање поради недостигот на потребната влага во почвата во завршниот период од вегетацијата, што значи дека ќе се добијат нешто помали количини од планираното, истакна Горан Миладинов, раководител на подрачната единица за земјоделство во Кочани. За една недела се очекува да почне и жетвата на пченицата, за која земјоделците не се оптимисти во поглед на приносите. -Оваа година, токму во мај, во периодот на вегетација на пченицата немаше доволно врнежи од дожд за да се наполни зрното. Едноставно, растението прегоре и не успеа да го оформи својот клас, поради што најверојатно просекот ќе биде околу 320 килограми од декар, истакна Горан Јованов, земјоделски производител од Кочани. Во моментот просечната откупна цена за јачменот се движи околу 10 денари за килограм, што за земјоделските производители е под границата на рентабилноста. Според најавите од откупувачите, пченицата ќе се откупува за еден денар повеќе, што е вообичаено во периодот на жетва, но може да се очекува цената подоцна да се покачи за десетина отсто.та/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан