• среда, 04 февруари 2026

Потпишан протокол за правила за потекло како дел од спогодбата за партнерство, трговија и соработка со Обединетото Кралство

Потпишан протокол за правила за потекло како дел од спогодбата за партнерство, трговија и соработка со Обединетото Кралство

Скопје, 26 јануари 2026 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, соопшти МНРиНТ.

Како што се наведува во соопштението, протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската Унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.

Проширената кумулација на потекло на стоките, се вели во соопштението, директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно, додаваат од Министерството, за секторите со сложени производни синџири и висок удел на материјали од Европската Унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската Унија.

- Со потпишувањето на овој протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари - се додава во соопштението. ац/са/

Фото: МНРиНТ

Остани поврзан