• петок, 22 ноември 2024

Потпаролот на „Вреди” привремено ќе ги замрзне политичките активности, откако обвинителството спроведе постапка против неговиот татко за други полови дејствија

Потпаролот на „Вреди” привремено ќе ги замрзне политичките активности, откако обвинителството спроведе постапка против неговиот татко за други полови дејствија

Скопје, 24 август 2024 (МИА) - Потпаролот на коалицијата ,„Вреди” Фари Хисени на неговиот фесјбук профил објави дека привремено ќе ги замрзне политичките активности, откако обвинителството спроведе постапка против неговиот татко за други полови дејствија.

- Длабоко сум шокиран и повреден од веста што се појави во медиумите за мојот родител. Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! Ако овие наводи се покажат точни, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене, туку и за целото мое семејство. Само помислата дека се соочувам со ова ми ја крши душата! Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите сопствени постапки и вредностите за кои се залагаме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од функцијата што ја имам да изгледам дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите кои го истражуваат ова чувствително прашање. Цел мој живот сум активист за човекови права, борејќи против неправдата и насилството. Не можам да бидам индиферентен, без разлика од каде потекнува. Исто така, во овие тешки моменти, понизно барам да се почитува приватноста на моето семејство. Ни треба простор за да се соочиме мирно со оваа ситуација, далеку од очите на јавноста, напиша на фејсбук Хисени. 

Инаку, претходно беше објавено дека Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете родено 2008 година, со што сторил кривично дело согласно член 186 став 7 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Во раните утрински часови денеска, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничениот во парк во една населба го сретнал малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира.

– Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција, соопштија од ЈО.

Со цел обезбедување на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.

Судијата на претходна постапка попладнево ги прифатил предложените мерки. цр/

Фото: принтскрин ФБ на Потпаролот на коалицијата ,„Вреди” Фари Хисени 
 

Остани поврзан