• петок, 22 ноември 2024

Портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“

Портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“

Скопје, 25 август 2023 (МИА) - Добитниците на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, Димитар Башевски и Гевин Бредли вечерва во рамки на „Струшките вечери на поезијата“ имаа свои портрети на кои се говореше за нивниот лик и дело.

За книгата „Страв од разделба“ ирскиот поет Бредли е добитник на меѓународната награда „Мостови на Струга“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга. Бредли е ирски автор од Белфаст, Северна Ирска, а од 2012 година живее во Едмонтон, Канада.

- Денес стравот од разделба (separation anxiety) има своја медицинска утврденост и симптоматологија и именуван е со кодот Ф93.0.3 Пред стотина години носталгијата исто била сметана за заболување и била лечена со опиум, пијавици или со престои на високите планини. Таму човекот требало да се излечи од неговиот копнеж по домот, со тоа што планината полека станува негов дом. Наспроти болната прецизност на медицината, поетот верува дека само раните можат да се наследат, а не болестите. Отворените рани во кои зборовите на монолитните догми ставаат жешка сол. Затоа Бредли верува дека сѐ може да биде предмет на разоткривање, на спонтана десакрализација и верува дека така може да се осветли апсурдот на строгата религиска или милитантна свест, рече Никола Маџиров за поезијата на Бредли.

Башевски со неговата поетска збирка „Дни, години“ во издание на „Слово“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ која се доделува за најдобра поетска зборка меѓу две фестивалски изданија. 

- „Дни, години“ е, веројатно, најзрелата поетска книга на Димитар Башевски. Сé што било препознатлив белег во неговите претходни книги овде го наоѓа својот најчист облик. Критиката досега веќе го нотирала во поезијата на Димитар Башевски ехото на едноставната форма на Константин Кавафис и мудрата сведеност на идеалната „проста и строга македонска песна“ дефинирана од Блаже Конески. Сепак, во својата седма поетска книга Димитар Башевски оди чекор подалеку, кон еден имажистички модел на возвишена едноставност што открива најдлабоко значење. Голем дел од неговата поезија, се чини, ги илустрира трите начела на Езра Паунд – за директниот опис, за избегнување на излишниот збор и за музичката фраза наместо метрономски ритам. Јасната поетска слика доловена преку едноставен исказ во стиховите на Димитар Башевски секогаш е заокружена со мисловен проблесок. Такви се многу негови песни, меѓу кои и антологиските „Стракче“, „Статуа“, „Летопис“ и „Земјотрес“, истакна проф. д-р Иван Додовски.

Во текот на утрешниот ден, поетски портрет ќе има и годинашниот добитник на „Златен венец“, Влада Урошевиќ, чие чествување ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ во Охрид со почеток во 20:30 часот. сс/бак/

Фото: Струшки вечери на поезијата

Остани поврзан