• понеделник, 23 декември 2024

Поповиќ: Јубилејното издание на „Охридско лето“ би почнало на 4 август

Поповиќ: Јубилејното издание на „Охридско лето“ би почнало на 4 август
Охрид, 9 јуни 2020 (МИА) – Јубилејното 60. издание на „Охридско лето“ годинава првпат од основањето на Фестивалот ќе се одржува во термин различен од вообичаениот и согласно условите наметнати од епидемијата на коронавирусот. Според плановите, најреномираната музичко-сценска манифестација во земјава за оваа година е планирано да се одржува од 4 август - роденденот на „Охридско лето“, зависно од ситуацијата со епидемијата на Ковид-19, до крајот на месец август. Наташа Поповиќ, директор на Националната установа „Охридско лето“ за МИА истакна дека подготовките за одржувањето на годинешното фестивалско издание течат непречено, но со забелешка оти многу работи зависат од тоа како ќе се одвиваат работите поврзани со епидемијата. - За жал оваа година јубилејното „Охридско лето“ поради епидемијата планираме да се одржува во август, со тоа што како термин за свеченото отворање на Фестивалот би бил 4 август и секако согласно препораките од надлежните институции за тоа на кој и каков начин ќе биде одржана манифестацијата. Фестивалското издание ќе биде со скратена програма, со оглед што отворањето нема да биде на 12 јули, така што доколку бидат реализирани нашите планови за отворањето за 4 август фестивалот би траел некаде до крајот на месецот, со предвидени околу 25 содржини, рече Поповиќ. Заради поголема безбедност на вљубениците во музичката и сценската уметност, предвидените настани на „Охридско лето ќе се организирааат претежно на отворените сцени како Античкиот театар, Долни Сарај, и Предворјето на „Света Софија“, помал број концерти во катедралната црква со строго ограничен и редуциран број влезници. Поповиќ рече дека комуникацијата со уметниците за кои е предвидено да бидат дел од годинешното „Охридско лето“ се одвива отежнато, но рече дека тие не ги откажуваат предвидените настапи, и изрази уверување дека ќе дојдат и ќе настапат на Фестивалот. За тоа како ќе се реализира годинешното фестивалско издание најавена е средба на претставници на Управата на „Охридско лето“ со покровителот на манифестацијата - претседателот Стево Пендаровски, како и со ресорното Министерство за култура, околу тоа точно како ќе се одржува Фестивалот. - Следователно на тоа ќе биде и соопштена и фестивалската програма. Истата е речиси целосно изготвена, со уметниците и во музичкиот и сценскиот дел сме во постојана комуникација, но сепак споредбено со изминатите фестивалски изданија кога програмата беше целосно изготвена некаде во мај, оваа година таа ќе биде соопштена дополнително, повторувам, сето поради актуелната ситуација, рече Поповиќ. За оваа година планирани се настапи на врвни домашни и светски имиња. Без да се соопштуваат имиња, беше истакнато дека оваа 2020 година е 250-годишнината од раѓањето на големиот композитор Лудвиг Ван Бетовен така што и музичката програма на престојното фестивалско издание на „Охридско лето“ во голем дел ќе биде посветена токму на негови познати музички дела. аб/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан