• петок, 22 ноември 2024

Полициски час од 21 до 6 часот, Спасовски со апел до граѓаните да бидат одговорни

Полициски час од 21 до 6 часот, Спасовски со апел до граѓаните да бидат одговорни
Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Вечерва од 21 часот стапи во сила забраната за движење на граѓаните во ноќните часови. Воведен е полициски час што ќе трае од 21 до 6 часот секој ден. Целта на оваа ригорозна мерка, воспоставена прв пат во историјата на земјава со одлука на Владата, е максимална заштита на граѓаните од коноронавирусот. Со полицискиот час нема да бидат опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации. Премиерот Оливер Спасовски од контролниот пукт во Чаир вечерва рече дека прв пат во историјата на државата имаме ограничување на движењето на граѓаните на целата територија на државата. -Сите знаете дека навистина ништо не е исто, се е вонредно и граѓаните треба да знаат дека во вакви околности сите треба да се однесуваме и вонредно и многу одговорно. Упатувам порака да се почитуваат одлуките, наредбите кои што ќе ги добијат од овластените службени лица и да ја почитуваат оваа забрана за движење, меѓутоа и забраните кои се однесуваат на дневно движење, бидејќи одговорноста е на сите нас. Оваа битка не е само на институциите, здравството, армијата. Ова е битка на секој граѓанин на нашата земја. Колку поодговорно се однесуваме, толку побрзо ќе се справиме со оваа ситуација, рече Спасовски. На прашањето зошто вечерва министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не е со него, Спасовски рече дека тој е на друга локација, намерата е да се да се распоредат на повеќе локации за да ги охрабрат полицајците. Додаде дека оваа битка бара сплотеност и им се заблагодари на медиумите за придонесот што тие го даваат во целата оваа ситуација. Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата кои се во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани исклучиво од најмногу две лица. Ако поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната инстуиција преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед. За време на полицискиот час ќе се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека ќе може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Ќе се ограничи и бројот на такси возила. Тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите притоа, ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици. За време на полицискиот час ќе биде забрането движење и на возила од јавен превоз. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР). Директорите на јавните здравствени установи треба да изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење и ќе го дистрибуираат до МВР или друго надлежно Министерство со цел изготвување специјални пропусници и легитимации за рестриктивните часови. Така МВР ќе има комплетен увид за лицата кои се движат. сст/ац/  

Остани поврзан