Пожарникарите волонтери и планинарите од Кочани во заедничка акција за помош на лицата во планинските села
- Волонтерите од Доброволното противпожарно друштво и членовите на Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани организираат заедничка хуманитарна акција за помош на старите и изнемоштени ли
Кочани, 6 март 2022 (МИА) – Волонтерите од Доброволното противпожарно друштво и членовите на Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани организираат заедничка хуманитарна акција за помош на старите и изнемоштени лица во селата на падините на Осоговските Планини.
Во акцијата се собираат донации во храна, лекови и артикли за лична хигиена, што ќе им бидат однесени на жителите кои поради снегот и лошите временските услови се отсечени од градот.
- Четириесетина стари и изнемоштени, како и други лица кои живеат во планинските села, поради ниските температури и интензивните врнежи од снег немаат сообраќаен пристап и итно им е потребна помош. Наша цел е да им ги обезбедиме најосновните продукти и лековите за секојдневната терапија. Располагаме со теренско возило и ќе одиме до локациите до кои може да се дојде со него, а за непристапните места ќе помогнат планинарите. Веќе добивме пријави од компании и поединци кои сакаат да донираат, но останува повикот до сите хумани граѓани да се вклучат во акцијата, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.
Планинските села во Осоговијата се од разбиен тип, зафаќаат поголема територија и во зимски услови до нив тешко се стигнува со возила.
Акцијата ќе трае во текот на наредните десетина дена, а хуманитарната помош може да се остава во маркетите во Кочани, при што неопходно е таа да се пријави кај пожарникарите волонтери.та/вј/