• понеделник, 23 декември 2024

Под мотото „Обединети во мир, просперитет и солидарност“ во Делчево одбележан Светскиот ден на Ромите

Под мотото „Обединети во мир, просперитет и солидарност“ во Делчево одбележан Светскиот ден на Ромите
Делчево, 8 април 2022 (МИА) - Под мотото „Обединети во мир, просперитет и солидарност“, а по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, во организација на Општина Делчево се одржа пригодна свеченост на која беа доделени традиционалните парични награди на најдобрите ученици Роми во трите образовни институции во Делчево. Најдобрата ученичка Ромка во гимназијата „М.М.Брицо“, Елиса Мемедова, ученичка во трета година стручно образование, доби парична награда од 10.000 ден, најдобрите ученици Роми во двете основни училишта добија по 5.000 денари. -Наградени се ученичките Елиса Мемедова, ученичка во 3 година стручно образование како и учениците Гулизар Бајрамова, 9 одд. во ООУ „Св.Климент Охридски“ и од ООУ „Ванчо Прке“ Тарик Мемедов, ученик во 6 одделение. Наградите се мотивација за учениците Роми за да постигнуваат подобри резултати во образованието и да се натпреваруваат во знаења, истакна градоначалникот на Делчево Горан Трајковски. Во своето обраќање на свеченоста ги потенцираше заложбите на Општина Делчево за целосна интеграција на ромската заедница во Делчево, како и актуелните проекти во образованието, мерките од областа на социјалата, инфраструктурата за подобар квалитет на животот и инклузија на Ромите. -Општина Делчево го започнува процесот за изработка на нов стратешки документ кој ќе ги таргетира областите на вработување, образование, домување и здравство на Ромите за период 2022-2025. Изработката на овој документ е со поддршка на Програмата „РОМАКТЕД“ со чија реализација во Делчево се очекува да се оствари главната цел која значи подобрување на локалната демократија, отчетност, инклузивност и одговорност кон ромските граѓани и подобрена испорака на услуги, со краен резултат - подобрување на животот на ромската заедница, нагласи Трајковски. На свеченоста присуствуваше и државниот секретар во Министерството за правда, Мухамед Точи, кој ги повика граѓанските организации, сите локални институции, но и претставниците од Владата, да помогнат за реализација на отворените прашања на ромската заедница, бидејќи како што рече „просперитетот на една заедница не значи просперитет само на таа заедница, туку просперитет на целото општество“. Аксел Ахмедовски советник во Канцеларијата на Премиерот зборуваше за придобивките на ромската заедница во Делчево, но ги потенцираше и предизвиците на заедницата и планираните проекти за реализација. Покрај кратката програма подготвена од ученици, беше приемиерно прикажан и документарниот филм „Небо - Точак - Земја“ кој не потсетува на минатото, туку отвора нова перспектива на историјата на Ромите. По повод Меѓународниот ден на Ромите, денеска пред административната зграда на Општина Делчево, беше дигнато ромското знаме.вс/свс/

Остани поврзан