• четврток, 19 декември 2024

Поднесено барање до Советот на Општина Виница за преиспитување на концесиите за геотермална вода и за речен песок

Поднесено барање до Советот на Општина Виница за преиспитување на концесиите за геотермална вода и за речен песок
Виница, 2 февруари 2022 (МИА) – По иницијатива на жителите од селата Истибања и Јакимово, група советници поднесоа барања до Советот на Општина Виница за преиспитување на концесиите за геотермалната вода и за ископ на речен песок. Во образложението на барањата се наведени неправилности во користењето на ресурсите на геотермалната вода од бунарот кај село Истибања, односно концесионерот немал инсталирано систем за евиденција на потрошувачката, а црпењето песок од реката Осојница го вршеле непознати лица. - Советот ги прифати барањата со мнозински број гласови и веќе почна соодветна постапка, односно доставено е известување до Државниот инспекторат за животна средина заради утврдување на наведените неправилности. Оттаму очекуваме контрола на теренот за да се утврди дали концесионерот поставил мерни инструменти за испорачаните количини топлинска енергија од геотермалната вода и дали ги запазува роковите за навремено плаќање за услугата, но и како се исполнуваат другите законски и договорни обврски. Исто така, побарано е да се утврди дали има концесионер за црпење песок на подрачјето на реката Осојница и дали тој ги исполнува обврските за заштита на животната средина, истакна Ацо Ѓорѓиевски, претседател на Советот на Општина Виница. Пред десетина години концесијата за геотермалната вода од Истибања ја добила штипска фирма која е сопственик на поранешниот ЗИК „Брегалница“ од Виница, а за која имало сомневања дека плаќа помал надоместок од она што реално користи. Жителите на двете винички села очекуваат информација од надлежните државни органи за фактичката состојба, при што нагласуваат дека нема да дозволат незаконско користење на природните богатства во општината што се можност за нејзин туристички и економски развој.та/фф/

Остани поврзан