• петок, 22 ноември 2024

Подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025

Подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за почеток на подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025. Министерство за информатичко општество и администрација како национална контакт точка и ресурсен центар за управување со квалитет, е институција која ги координира процесите и активностите во оваа област на национално ниво. Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), со воспоставување одржлив процес на управување со квалитет во јавниот сектор, земјава се приклучува кон европските трендови за воспоставување на квалитет во работата на јавната администрација и модернизација на јавните услуги. -Воведувањето и постигнувањето норми на извонредност ќе обезбеди поуспешно спроведување на сите тековни реформски иницијативи, особено во процесот на европска интеграција, за што е потребен добро развиен капацитет, модерно и ефикасно управување и навремено остварување на поставените цели, стои во соопштението. МИОА со IN-COUNTRY SUPPORT механизмот на Регионалниот центар за управување со квалитет  од Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), во вториот квартал на 2022 година почна со подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет 2023-2025 година, кој е предвидено да биде и дел од новата Стратегија за реформа на јавна администрација 2023-2030. - Експертите ангажирани за изработка на овој документ, заедно со тимот за управување со квалитет на Министерството, организираа неколку консултативни средби на кои се договараше опфатот и структурата на Националниот план, а работната група составена од претставници на релевантни засегнати страни организираше и работен состанок на кој се излистаа потребите на институциите поврзани со управување со квалитет. Новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025 според планираното ќе биде готов во ноември 2022 и ќе биде доставен до Владата на усвојување, се вели во соопштението. Успешната реализација на активностите од Национален план за управување со квалитет 2018-2020 кој беше дел од Стратегијата за реформа на јавна администрација 2018-2022, како што се наведува, покажа дека постоењето на еден ваков документ е од голема важност за постигнување на поставените цели за ефикасно работење на институциите и  обезбедување квалитетни услуги за граѓаните. мд/са/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан