• понеделник, 23 декември 2024

Подготвен теренот за одобренија за 5Г и нова конкуренција во мобилната телефонија

Подготвен теренот за одобренија за 5Г и нова конкуренција во мобилната телефонија
Скопје,  21 ноември 2021 (МИА) - Со тендерот за одобренија за 5Г што Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) треба да го објави наскоро се предвидени два блока за влез на мрежен оператор во мобилната телефонија. Евентуален влез на нов мрежен оператор во државава ќе ја зајакне конкуренцијата на пазарот каде сега доминираат Македонски Телеком и А1 Македонија, а работат и три виртуелни оператори кои во изминатите години презедоа приближно три проценти од пазарниот удел. На пазарот клучно ќе биде инвестирањето во оптичка инфраструктура. Српски Телеком којшто преку МТЕЛ неделава влезе на  македонскиот пазар со продажба на сателитска телевизија објави планови во првата половина од следната година да нуди и телекомуникациски услуги во мобилната телефонија. -Влезот на трет оператор секако ќе има поволно влијание на пазарот во смисла на намалување на цените и подобрување на услугите. Истражувањата кои што ги спроведовме покажуваат дека расположението на домашните корисници е такво што влегувањето на нов оператор го дочекуваат со очекување на понуда со подобри услови и услуги од оние кои веќе се присутни. Тоа е навистина голем предизвик, но ние сме во целост подготвени да одговориме на него, рече во интервју за МИА генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лучиќ. Од АЕК велат дека тие како регулатор ги обезбедиле сите технички предуслови за влез на трет мобилен оператор. Пазарот на мобилна телефонија кај нас, посочуваат во изјава за МИА, со постоењето на само два мрежни оператора не е доволно конкурентен. За тоа говори и фактот дека сме единствена држава во Европа во која постојат само два мрежни оператори. Во сите останати држави во Европа, вклучително и оние кои се по големина слични или помали, како што се Косово, Црна Гора, Словенија, Кипар, Естонија, Фарски Острови, Исланд, Луксембург, Малта, Молдавија, егзистираат по три или повеќе мрежни оператори. Исто така и во последниот извештај на Европската комисија објавен минатиот месец е наведено дека се потребни  дополнителни напори за подобрување на конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор. -Агенцијата за електронски комуникации како регулатор во областа на електронските комуникации се води од една од целите на Законот за електронските комуникации (ЗЕК) која гласи: Обезбедување на ефикасна и одржлива конкуренција на пазарот за електронски комуникации. За да се обезбеди оваа цел АЕК ги обезбеди сите технички предуслови за влез на трет мрежен оператор. Имено, за обезбедување на мобилни комуникациски мрежи/услуги во сите фреквенциски опсежи: 900 MHz и 2100 MHz во кои во моментов се обезбедуваат мобилни комуникациски мрежи/услуги оставени се соодветни блокови за непречено функционирање на трет мобилен оператор кои во никој случај нема да се доделат на постоечките два мрежни оператори, информираа за МИА од АЕК. Од страна на АЕК истото е испланирано и за одобренијата кои треба да се доделат за воведување на 5G во државава. - Во опсегот 700 MHz предвиден е блок од 2х10 MHz за влез на трет мрежен оператор и во опсегот 3.6 GHz предвиден е блок со ширина од 100 MHz за влез на трет мрежен оператор. За овие два блока на радиофреквенции кои се предвидуваат за влез на трет мрежен оператор АЕК и предложи на Владата на Македонија висината на еднократниот надоместок што треба да ја платат операторите за доделување на одобренија да биде за 50 проценти пониска отколку на останатите два мрежни оператори и дополнително постоечките мрежни оператори да не можат да конкурираат за тие блокови на радиофреквенции. На објавената Намера од АЕК во јуни 2021 веќе пројави интерес страна која во моментов не обезбедува мобилни комуникациски мрежи/услуги во Македонија, информираат од АЕК. Најавуваат дека многу скоро ќе го распишат јавниот тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за воведување на 5G. Владата на 9-ти ноември веќе даде согласност за висината на еднократниот надомест и начинот на неговото плаќање, а одлуката е објавена на 15-ти месецов во Сужбен весник.  Во согласност со Законот за електронски комуникации постапката многу скоро ќе продолжи со објава на Јавен тендер со јавно наддавање, велат од регулаторното тело.           Влезот на нов мрежен оператор на пазарот, оценуваат оттаму, би довел до понуда на мрежи/услуги со уште поголем квалитет и секако можност да бираат корисниците помеѓу понудениот квалитет и соодветната цена која ќе ја бара од страна на операторите за таков квалитет. Дополнително, ќе значи отворање на нови работни места како во самиот оператор така и во надворешните компании кои ќе соработуваат со него, а тоа ќе придонесе за значителен развој во македонската економија. Како што велат од АЕК, изминатиов период од неколку години потврди дека виртуелните мобилни оператори не можат во вистинска смисла да конкурираат на мрежните оператори. Доволно за тоа говори и фактот што  трите виртуелни оператори, вкупно, во Македонија немаат ниту три проценти удел од вкупниот број на активни претплатници. Тони Јаневски, професор на Факултетот за електроника и информациски технологии ФЕИТ, оценува дека пазарот на мобилна телефонија сега е заситен во земја земја, а секој нов оператор ќе цели да преземе дел од постоечките или да навлезе на пазарот со помалку достапни сервиси.           -Генерално, пазарот на мобилна телефонија сега е застиен во секоја земја, што значи дека сите кои сакаат да имаат пристап до мобилни услуги веќе имаат,  така што секој нов мобилен оператор ќе цели да преземе дел од пазарот, како сега со најавената сателитска телевизија која што може да биде корисна за руралните области каде што нема оптичка инфраструктура од постоечките оператори, вели Јаневски за МИА. Во следниот период од особено значење ќе бидат инвестициите од страна на операторите во мрежи од следна генерација. Тука, појаснуваат од АЕК, пред се, се мисли на инвестиции од оптичка инфраструктура која особено ќе биде значајна за воведувањето на 5G. 5G базните станици ќе мора да бидат поврзани помеѓу себе со оптичка инфраструктура, а тоа ќе биде можност оптиката да се однесе во секој дел од територијата на Македонија со што значително ќе се зголеми можноста на граѓаните за пристап на мрежи од следна генерација. Регулаторното тело на 1 јуни годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање ограничен број одобренија за користење на радиофреквенции за 5Г мрежата. Интерес за учество на тендерот за та намена тогаш изразија четири компании: Македонски телеком, А1 Македонија, Неотел и Битстрим мобиле. Заклучно со вториот квартал годинава во државава се регистрирани 1.867.694 претплатници во мобилната телефонија, што споредено со истиот квартал лани е зголемување од 5,9 проценти. Од вкупниот број, 725.868 се припејд корисници, 892.456 пост пејд,  а 249 370 деловни пост пејд. Кај резиденцијалните припејд и постпејд претплатници има раст од 8,92 односно 4,83 процени, додека деловните се намалиле за 3,89 процени.           Во вкупниот број на активни претплатници, заклучно со 30 јуни годинава, А1 Македонија учествува со 49,78  проценти, Македонски Телеком со 47,25 проценти, Лајкамобајл има пазарен удел од 1,76 проценти, Роби од 1,19 проценти, а Греен Мобиле од 0,02 проценти. Анализите на регулаторот покажуваат дека за период од четири квартали Македонски Телеком бележи раст од 1,01 процентуални поени, А1 Македонија пад од 0,91 проценен поен, а пад има и кај Лајкамобајл од 0,20 процентуални поени за период од четири квартали. Операторот ТРД Роби во истиот период забележува раст од 0,12 процентуални поени, додека Греен Мобиле бележи раст од 0,02 процентуални поени за период од еден квартал. Лидија Велковска    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан