• понеделник, 23 декември 2024

Повик на ансамблот „Танец“ за бесплатни едукативни часови за млади од 18 до 23 години 

Повик на ансамблот „Танец“ за бесплатни едукативни часови за млади од 18 до 23 години 

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) – Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец’’ објави повик за пријавување за бесплатни едукативни часови за изведба на народни игри и песни, наменети за млади на возраст од 18 до 23 години. 

Како што информира „Танец“, часовите ќе бидат под менторство на нивни врвни уметници. Повикот е наменет за млади од 18 до 23 години коишто учат или имаат завршено средно музичко/балетско училиште на насоката за традиционална музика и игра или се на академски студии во чиишто програми се изучува музичко-сценскиот фолклор, како и сите млади ентузијасти кои имаат солидни знаења од областа, преку членување во културно-уметничките друштва.

Пријавувањето на заинтересираните почнува денеска и ќе трае до  7 ноември, а наредниот ден (8 ноември) од 10 часот во просториите на ансамблот ќе се одржи проверка на музичко-сценските способности на пријавените кандидати и нивната селекција. 

-Најдобрите од нив, избрани од стручната комисија, ќе ја имаат можноста да посетуваат специјални едукативни часови во ансамблот „Танец“ и ќе можат да учат од најдобрите во музичко-сценската дејност во Македонија и пошироко. Кои од пријавените ќе го освојат правото на посета на едукативните часови, ќе зависи од одлуката на стручната комисија, која ќе спроведе проверка на знаењата и умеењата на секој пријавен кандидат, соопшти ансамблот.

 Меѓу критериумите за избор е играчите  да изведат еден играчки образец по личен избор и еден од репертоарот на „Танец“, предложен од комисијата, а тие што ќе се пријават за вокални исполнители треба да изведат една народна песна по личен избор и една од репертоарот на „Танец“, предложена од комисијата.

-Сите кандидати на приемниот ден треба со себе да понесат патики за вежбање во сала или опинци, заради непречено презентирање на своите изведувачки способности. Сите примени кандидати коишто ја поминале претселекцијата и целосно ги завршиле едукативните часови, ќе добијат сертификати за успешно помината обука за ансамблов изведувач на народни игри, односно песни на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, се наведува во објавениот повик. 

За да се пријават, кандидатите треба на мејлот sekretar@tanec.com.mk да пратат податоци за себе: име и презиме, датумот на раѓање, бројот на личната карта (што ќе ја покажат на увид на стручната комисија) и видот на часови кои сакаат да ги посетуваат (часови за играч или часови за пејач).

-НУ Танец свесно и одговорно го поддржува фолклорниот аматеризам, училишното и академското образование од сферата на фолклорот, како и идните професионални изведувачи, обезбедувајќи континуитет на културните традиции и создавајќи платформа за раст, креативност и уметничка извонредност во изведбата на музичко-сценскиот фолклор. Овој менторски пристап, не само што го поттикнува развојот на вештините, туку го засилува и чувството за културен идентитет кај младите, наведува „Танец“. хс/дма/

Фото: Национален ансамбл за народни игри и песни „Танец’’

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан