• сабота, 23 ноември 2024

Повеќе од 130 светски лидери следната недела на Генералното собрание на ОН

Повеќе од 130 светски лидери следната недела на Генералното собрание на ОН

Њујорк, 19 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 130 светски лидери ќе се сретнат следната недела во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што ќе разговараат за војната на Блискиот Исток и Европа, бавното темпо на напорите за ставање крај на тие конфликти и влошувањето на климата и хуманитарната кризи.

Генералната дебата на 79-то заседание на Генералното собрание на ОН, како што е објавено на неговата веб-страница, се отвора во вторник, 24 септември и завршува в понеделник, 30 септември, а нејзината тема оваа година е „Никого да не оставиме зад себе: да дејствуваме заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“. „Војните во Газа, Украина и Судан ќе бидат трите главни точки на фокус на Генералното собрание“, рече директорот на ОН на Меѓународната кризна група Ричард Гован.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, минатата недела изјави дека решение за војните во Газа и Украина во моментов не е на повидок.

-Загриженоста за прелевањето на конфликтот во Газа во регионот повторно ескалира откако либанската милитантна група Хезболах го обвини Израел за детонирање пејџери и воки-токи. Постои сериозен ризик од драматична ескалација во Либан и мора да сториме се за да избегнеме тоа, рече вчера Гутереш. 

Напорите за посредување на САД, Египет и Катар допрва треба да продолжат за прекин на огнот во Газа, а глобалното трпение е намалено девет месеци откако Генералното собрание на ОН со големо мнозинство побара хуманитарен прекин на огнот и бидејќи бројот на загинати во Газа достигна 41.000.

На 26 септември на Генералното собрание треба да се обратат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој долго време ги обвинува ОН дека се „антиизраелски“ и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Додека настанот се базира на шестдневни лидерски говори во собранието, голем дел од „акцијата“ се одвива на маргините на билатералните средби и придружните настани, а оваа година една од темите ќе биде новата американска администрација. Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој го прекина финансирањето на ОН и го нарече телото „слабо и неспособно“ додека беше претседател од 2017 до 2021 година, ќе се соочи со демократската кандидатка Камала Харис на изборите на 5 ноември.

Оваа година темата ќе биде војната и хуманитарната криза во Судан, каде што преовладуваше гладот, потоа меѓународните напори да му се помогне на Хаити во борбата против насилството од бандите и талибанските напади врз правата на жените во Авганистан.

Новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан во вторник ќе се обрати во Обединетите нации, а украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се обрати на 15-члениот состанок на Советот за безбедност за Украина во вторник и на Генералното собрание во среда.

Додека рускиот претседател Владимир Путин се обрати на Генералното собрание во 2020 година практично за време на пандемијата на коронавирус, тој физички не патувал во Њујорк за настанот од 2015 година.

Наместо тоа, на Генералното собрание треба да се обрати рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 28 септември. Американскиот претседател Џо Бајден ќе биде на Генералното собрание на Обединетите нации од 23 до 25 септември.

Покрај неговото обраќање на 24 септември, Бајден ќе се сретне со светските лидери за да разговараат за соработката во борбата против заканите по меѓународниот мир и безбедност, унапредувањето на глобалниот просперитет и заштитата на човековите права. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан