• сабота, 23 ноември 2024

Поведена постапка против лице кое им се заканувало на вработени во Амбасадата на Косово во Скопје

Поведена постапка против лице кое им се заканувало на вработени во Амбасадата на Косово во Скопје

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против лице за кривичното дело Загрозување на сигурноста според член 144 став четири во врска со став два и став еден од Кривичниот законик. Како што соопштува Јавното обвинителство, на шести ноември осомничениот упатил сериозна закана дека ќе нападне по животот и телото на повеќе службени лица, вработени во Амбасадата на Република Косово во Скопје, со што кај жртвите предизвика чувство на несигурност, загрозеност и страв.

Лицето се јавило од мобилен телефон на службениот телефон во дипломатското претставништво и се заканил дека ако не биде примен на итна средба, ќе ја нападне Амбасадата и вработените, известуваат од Обвинителството.

Со цел неперечено водење на постапката и обезбедување на присуството на осомничениот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа, забрана за посетување на Амбасадата на Република Косово, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со амбасадорот и со други службени лица вработени во Амбасадата. сан/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан