Победа за „металците“ во Битола
- Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром остварија победа со 72:67 на гостувањето во Битола против Пелистер
Битола, 8.ноември 2025 (МИА) – Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром остварија победа со 72:67 на гостувањето во Битола против Пелистер. За домашниот тим ова беше прв пораз по шесте одиграни кола.
Во првиот дел со мал број поени Пелистер водеше со 32:29, но во пресрет на последната четвртина МЗТ Скопје А. дојде до предност откако ја доби третата четвртина со 22:17. Тоа како да беше најава за одличен старт во последната четвртина и предноста од 13 поени 65:52. Домашниот тим сепак успеа да ја врати неизвесноста во финишот на дуелот, кога намали на 63:67. Но, немаше сили за комплетен пресврт.
На првиот натпревар од 6.коло одигран денеска Работнички – Чаир 87:84. На вчера одиграните дуели беа постигнати следниве резултати: Гостивар – МКК Куманово 65:79, ТФТ – Ангели 67:57 и Тиквеш – Феникс 82:86.
Утре во Гевгелија играат: Кожув – Маџари.
Табела: ТФТ 12 бода, Пелистер 11, МКК Куманово 11, Работнички 10, МЗТ Скопје А. 10, Тиквеш 8, Кожув 8, Феникс 8, Гостивар 7, Ангели 7, Маџари 6, Чаир 6. мн/
Фото: www.mkd.basketball