• понеделник, 23 декември 2024

Плодните земјоделски земјиште не смеат да служат за производство на електрична енергија

Плодните земјоделски земјиште не смеат да служат за производство на електрична енергија

Скопје, 6 ноември 2023

Во време кога светот се соочува со климатска криза која го отежнува производството на храна, бараме да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија.  

Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклеарни електрани, ветерни електрани, концентрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани ќе ја ограничи намената на локации со плодна почва во државата за обезбедување на храна за населението. Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти. 

Под влијанија на климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури.  

Предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и политиките за климатска акција усвоени во последните три години. Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците. Криминално е и заплашување на цели региони каде најголема економска дејност е производство на храна и локални заедници од страна на институции со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата. 

Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасиштата кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за ОИЕ. При непланска изградба на енергетски градби кои користат обновливи извори на енергија се забрзува константното намалување на плодните земјоделски површини, што значи ризик врз производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и следствено, поголеми трошоци за населението.

Веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини и немаат влијание врз животот на локалните заедници. Пример за такви локации се деградирани земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина, стари депонии.  

Еко-свест во соработка со МАНУ објави Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија и идентификуваше 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од ОИЕ. 

Еко-свест заедно со МАНУ подготви и Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи и мапа на одржливи локации за развој на ОИЕ, насочени првенствено на некорисно и загадено земјиште во земјата. Овие локации не се во области со значителна биолошка разновидност, немаат голема еколошка вредност и не го нарушуваат животот на локалното население. Студијата утврди дека доколку инвестициите се насочат на половина од овие одредени локации, овие проекти би можеле да генерираат скоро 8 пати повеќе електрична енергија од моменталниот инсталиран капацитет во државата. 

Измените во политиките треба да се во согласност со Стратегијата за климатска акција и ратификуваниот договор за опустинување и суши и во насока на заштита на почвата од деградација, ерозија, загадување, да предвидат финансиска поддршка и инвестиции за агроеколошки мерки во земјоделието како што е заштита и зачувување на автохтоните раси и сорти на растенија,  кои се наоѓаат на земјоделското земјиште, и други мерки за зачувување на почвата. 

Врз основа на овие аргументи, бараме измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште да бидат итно повлечени, а надлежното МЗШВ да донесе одлука со која ќе се забрани негова пренамена во градежно земјите за развој на енергетски проекти или други неземјоделски цели. 

 

Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан