• понеделник, 23 декември 2024

„Пијано трио“ одржа концерт во Кочани

„Пијано трио“ одржа концерт во Кочани
Кочани, 21 мај 2022 (МИА) – Составот „Пијано трио“ синоќа одржа концерт во салата на Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ во Кочани. Тројцата академски музичари Диана Мирчевска (виолина), Верица Ајтовска (виола) и Иван Трајковски (пијано) изведоа дела од Дмитриј Шостакович и Астор Пјацола. На публиката ѝ беше претставена помалку познатата, нежна страна на Шостакович со „Петте дела за две виолини и пијано“, како и дела на револуционерот на модерното танго Астор Пјацола. – Сметам дека со музиката успеавме да создадеме синергија меѓу нас, изведувачите, инструментите и публиката, една креативна интеракција меѓу композиторот, изведувачите и слушателите. Паузата што ја наметна пандемијата и во концертните настапи покажа дека публиката сака да го надомести тој вакуум – истакнува виолинстката Мирчевска. Според Ајтовска, потегот на Министерството за култура за пренесување на концертите во локалните средини е за поздрав, затоа што ја потврдува и улогата на Музичкото училиште од Кочани како извориште на кадри. Вечерва, со почеток во 20 часот, „Пијано трио“ ќе настапи во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, а в понеделник на 23 мај во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Концертите се реализираат со поддршка на Министерството за култура. та/цр

Остани поврзан