Петкоска: По седум години безидејност конечно ги поставивме темелите на туристичкиот развој, со ребалансот на буџетот 2,5 милиони евра за поддршка на туризмот
- Денес продолжува амандманската расправа за Ребалансот на буџетот, со кој се предвидени 155 милиони денари или 2,5 милиони евра за субвенции и поддршка на туризмот.
Скопје, 10 јули 2025
Денес продолжува амандманската расправа за Ребалансот на буџетот, со кој се предвидени 155 милиони денари или 2,5 милиони евра за субвенции и поддршка на туризмот.
После 7 години безидејност, застарени стратегии и нефункционални закони, конечно, ги поставуваме темелите на туристичкиот развој на Македонија.
Во само една година ја исполнивме основната заложба и ветување туризмот да влезе под закрила на културата, бидејќи станува збор за меѓусебно поврзани и неразделни поими.
Денес веќе имаме Министерство за култура и туризам.
Ја поврзавме државата со светот преку 11 нови авио линии од двата аеродроми и обезбедивме 360 милиони денари финансиска поддршка.
Воведовме чартер лет за 40.000 туристи од Германија годишно, надвор од сезоната, а преку изградените и обновените патишта, овозможивме туризмот да се развива како што му прилега.
Благодарение на засилената промоција, развојот на туристичките капацитети и пристапот кој им овозможува на посетителите автентично доживување на нашата култура, традиција и природна убавина имаме зголемен интерес за Македонија, која веќе станува атрактивна дестинација преку целата година.
Конечно се зголемува бројот на туристи во месеците надвор од традиционалната сезона, што укажува на успешна диверзификација на туристичката понуда, а Македонија е на добар пат да стане водечка туристичка дестинација во регионот.
Токму тоа го потврдува и извештајот од Државниот завод за статистика, кој ги даде првите позитивни факти за туризмот, кои говорат дека Македонија бележи рекорден пораст на бројот на туристи, при што во правата половина од 2025 година имаме раст од 21,6% во однос на истиот период минатата година, што е добар инпут за бруто-домашниот производ и во вториот квартал.
Додека некои зборуваа и напразно ветуваа, ние изградивме патишта, проекти, доверба.
Го пуштивме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Свети Наум, пат кој беше заборавен, а кого го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните и туристите и кој конечно го добиваме затоа што сме свесни дека инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство.
По седум години непоместено камче, повторно се отвори комплексот „Македонско село“ кој ја прераскажува македонската култура, автентичната архитектура и традиција.
Во министерството за култура и туризам, на ставката 22 „Плаошник“ - еден од најважните национални проекти, имаме зголемување од 362% односно 36 милиони денари за возобновување на Свети Климентовиот универзитет, а имаме зголемување од 2, на скоро 10 милиони денари на средствата за Скопско кале.
Работиме и на подобрување на условите за здравствен туризам, при што за реконструкција на ЈЗУ Нефрологија Струга обезбедивме повеќе од 29 милиони денари, а за ЈЗУ Кардиологија – Охрид – над 24 милиони денари.
Паралелно, работиме на измена на законските решенија во полза на туризмот, нешто што во минатите 7 години беше невозможна мисија.
Во Собранието веќе е и Законот за измена и дополнување на Законот за туристичка дејност со кој прашањата поврзани со туризмот ги ставаме на единствена адреса и создаваме поврзана и функционална институционална целина што ќе одговори на реалните потреби на туристичкото стопанство.
Дополнително, со измената на Законот за игри на среќа, кој е во владина процедура, за развој на туризмот ќе се добиваат 4%, дополнителни средства кои се силен инпут за развој на секторот.
Почитувани, туризмот веќе не е нешто што се случува стихијно, туку е резултат на работа, лобирање на секој чекор, агресивна промоција на Македонија во светот, како и на институционални, реформски и организациски мерки за создавање на функционален и ефикасен систем кој ќе одговори на потребите на туристичката индустрија.
Ова не се само бројки, ова значи посветена работа, визија и конкретни чекори за вистински туристички раст и развој на Македонија.
изјава за медиуми – Лидија Петкоска,
пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
______________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА Архива