• петок, 22 ноември 2024

Пензионери од Тиквешко протестираа во Неготино и Кавадарци 

Пензионери од Тиквешко протестираа во Неготино и Кавадарци 

Кавадарци, 3 ноември  2023 (МИА) - Незадоволни пензионери од Тиквешко протестираа денеска на градските плоштади во Неготино и Кавадарци, барајќи подобар пензионерски живот.

Како што информираа од иницијативните одбори на револтирани пензионери, разочараните пензионери и понатаму ќе продолжат преку мирни протести да алармираат за нискиот стандард во третото доба. 

Од Иницијативниот одбор на незадоволни пензионери од Неготино повикаа на протестите да им се придружат и лозари, земјоделци, судски работници и сите други револтирани и незадоволни од економската состојба во која се наоѓаат. 

- Молиме за масовност. Колку сме погласни, повеќе ќе не слушнат, повикаа пензионерите, повторувајќи ги барањата, линеарно зголемување на пензиите за по пет илјади денари, минималната пензија да биде 20 илјади денари. 

Тие нагласија дека со мирни протести и блокади, сакаат да се слушне нивниот глас и да алармираат за нивните пензионерски проблеми. 

Незадоволни пензионери веќе извесно време мирно протестираат во одредени денови, барајќи подостоинствен живот.

- Не отстапуваме од нашите барања за подобар живот во третото доба, нагласи Ѓорѓи Делов, претседател на Иницијативниот одбор од Кавадарци. свд/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан