Пендаровски одликуваше 13 истакнати дејци од областа на македонската народна музика со Медал за заслуги
- Во пресрет на чествувањето на Денот на народното востание, вечерва на свечена церемонија во Скопје претседателот Стево Пендаровски со Медал за заслуги, доделен за нивниот најголем придонес во
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Во пресрет на чествувањето на Денот на народното востание - 11 Октомври, вечерва на свечена церемонија во Скопје претседателот Стево Пендаровски со Медал за заслуги, доделен за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки, ги одликуваше уметниците Анка Гиева и Виолета Томовска и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски.
- Нашата државна химна „Денес над Македонија се раѓа“, авторско дело на Владо Малески, била една од најпопуларните партизански песни што го обединувале народот во борбата за национална слобода и социјална правда. Во предвечерјето на 11 Октомври - Денот на народното востание, со Медал за заслуги за Република Северна Македонија им оддаваме почит на дел од нашите врвни уметници кои создаваа и интерпретираа песни за животот на нашиот човек низ вековите и неговата борба за слобода и човечки правдини, нагласи претседателот Пендаровски, по интерпретирањето на химата, која е една од првите песни што биле напишани и испеани за време на народноослободителната и антифашистичка борба.
Претседателот на Републиката нагласи дека народното творештво е централната точка на македонскиот идентитет.
- Создавањето и пренесувањето на народните песни е најзначајниот колективен творечки подвиг на македонскиот народ во услови на окупација и пропаганди. Песните што им помагаа на нашите предци да ги издржат сите обиди за асимилација, станаа неотуѓив дел од нашиот идентитет. Како сведоштво за јазичниот, културниот и духовниот континуитет, песните паметат многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме, нагласи Пендаровски.
Тој посочи дека народните уметниците кои денеска ги одликуваше ја претставиле нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин. Преку нивните настапи и концерти, тонски и видео записи, како што истакна претседателот, светот дозна за уникатниот 7/8 македонски ритам, а самите уметници создадоа авторски дела кои беа прифатени од народот и станаа дел од сите наши приватни и јавни прослави.
- Ова се најголемите источници на македонската народна музика и песна. Секој од нив заслужува посебна чест и церемонија, а, заедно ни ги презентираат многубројните слоеви на изворната македонска народна музика. Тие соработувале и се поддржувале меѓусебе свесни дека не работат само за својата лична кариера, туку за една многу повисока цел. Нивните дела се пример за вистински патриотизам. Затоа, не треба да чуди што нивните изведби и песни толку моќно не поврзуваат и сплотуваат, независно каде се наоѓаме во светот, потенцираше Пендаровски.
Шефот на државата посочи дека сме исправени пред голема задача - како, во време на длабоки поделби, да ја обновиме свеста за општото добро и да размислуваме и работиме не само за личниот интерес.
- Во минатото, кога не сме имале своја, слободна македонска држава, народните песни им давале сила и надеж на нашите предци да ги издржат сите премрежија. И денес, творештвото на нашите народни уметници не го дели, туку го сплотува народот. Колку и да сме раскарани, сепак, ги слушаме и пееме истите песни што не потсетуваат дека сме дел од еден ист народ. Кога ги слушаме и пееме овие песни, стануваме дел од големата средба на поколенијата, минати и сегашни, во татковината и низ дијаспората. Бидејќи, преку народниот мелос, најавтентично го доживуваме македонскиот јазик како наша единствена, комплетна татковина. Овие песни за слободата, за болката, носталгијата и љубовта можат, барем за момент, да ни помогнат да гизаборавиме поделбите, и да свртиме нова страница во нашите животи во кои ќе имаме поголема почит едни за други, рече претседателот.
Тој посочи дека иконите на македонската народна музика ни даваат пример како заедно можеме да ги надминеме и актуелните предизвици.
- За песната „Параходот ми пристигна” да не биде наша судбина и нашите животни патеки да не ги газиме далеку од татковината, заклучи претседателот. см/сп/