• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски за МИА: Авторите на нон пејперите не му мислат добро на регионот

Пендаровски за МИА: Авторите на нон пејперите не му мислат добро на регионот
Скопје, 28 април 2021 (МИА) - Во интервју за МИА за време на неговиот престој во Брисел, претседателот на државата, Стево Пендаровски говори за предизвиците на ЕУ патот на Северна Македонија по изборите во Бугарија, кои, поради неизвесните резултати, најверојатно повторно ќе се одржат во наредните месеци. -Ова за Северна Македонија е најлошото сценарио бидејќи земјата нема во овој момент соговорник од бугарска страна и никој не може таму да носи политички одлуки. Токму во време кога Северна Македонија се надева на конечно ефективно зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, нагласи Пендаровски. Шефот на државата уште еднаш повика Бугарија да назначи поединец или ентитет со кој Северна Македонија ќе може да продолжи да преговара и да постигне компромис кој ќе ги отвори европските врати. Претседателот на државата во разговорот се осврна и на низата таканаречени нон пејпери кои се појавија во јавноста во последниот период и кои предлагаат прекројување на границите во регионот. Предупредува дека кој и да ги пишува овие документи не му мисли добро на Балканот, предупреди шефот на државата. Како помина првиот ден на посетата во ЕУ, прво тоа да ни кажете?  Помина според очекувањата. Нашите очекувања беа, моите лични очекувања беа, дека после година дена пауза заради пандемијата, кога објективно немаше речиси никакви активности и од страна на Брисел и од наша страна, дека сега треба малку да се повратиме во оној стар колосек во кој имавме практично дневна комуникација и да се вратиме на најбитното прашање што е за нас во однос на посетата, зборувам за ЕУ, интеграциите и првата меѓувладина конференција, кога, како, што,  какви се шансите особено сега после изборите во Бугарија. Самиот рековте дека Бугарија била главната тема со соговорниците, со оглед на ситуацијата во Бугарија, со оглед  на фактот дека нема да има влада наскоро, дали паѓаат во вода шансите за прва меѓувладина конференција пред крајот на португалското претседателство?  Исходот, објективно говорејќи, исходот од бугарските избори е најнеповолната можна варијанта во однос на овој спор кој го имаме, поточно тие го имаат со нас. Затоа што резултатите на изборите покажуваат дека многу тешко да се состави влада која ќе има стабилно мнозинство. Неколку од првите партии веќе ги добија и ги вратија истиот ден мандатите.Тешко е да се замисли дека третата, четвртата итн. партија според бројот на мандати може да состави влада ако првите две не успеја, и тоа значи дека тие скоро сигурно одат кон некој вид на тие ја нарекуваат службена административна или техничка влада. Проблемот со техничките влади од наш аспект повторно сето друго е ниивна работа  и тука никој не треба да се меша, е во тоа што тие немаат целосен политички капацитет или легитимитет да решаваат и обични дневни политички прашања, политички прашања не технички, а не па ваков билатерален спор кој зема и пошироки димензии со него и Европа се бави. Можно е да има различни видови на, да ја наречам преодна влада, меѓутоа ќе биде таква, нема да биде политичка влада. Последните информации се дека во Бугарија размислуваат дури и за конкретни датуми за избори во јули, а секако претходно имаат редовни претседателски избори, значи влегуваат практично од едни во други, трети избори и тоа е неповолно од овој аспект. Она што ние го бараме, дури во ситуација кога тие би имале службена или техничка влада е да и иденетификуваат според нивна проценка и можност соговорник, значи министер, таа влада, премиер, специјален претставник како што ние имаме, за да можеме да ги продолжиме разговорите. Дали тоа значи дека нема да ги отвориме преговорите пред први јули? Постојат многу мали шанси. Јас разговарав, знаете дека вчера имав средба и со известителот од ЕП за нашата земја, господинот Кучук, тој е од име на Бугарија, ја знае поодобро политичката состојба таму. Тој не исклучува како можност иако тоа е надвор од неговото портфолио како известувач од Парламентот за нас, не исклучува  можност и во ситуација кога имате техничка влада да може да постои политичка волја на сите тие актери кои ќе даваат поддршка на таа техничка влада да се продолжат разговорите е само тоа зависи, не велам дека иако продолжиме и со политичка влада дека ќе најдеме решение знаејќи ги ставовите на Бугарија до сега. Меѓутоа од нив зависи, ако го продолжиме нема никаква гаранција дека ќе успееме, меѓутоа можно е и воопшто да не продолжиме со оглед на оваа политичка ситуација таму по изборите. Дали во вашите разговори вчера со соговорниците во ЕУ побаравте да се изврши притисок или да се влијае врз Бугарија да ја отстрани блокадата? Знаете јас мислам дека не треба многу, многу да се убедуваат нашите европски соговорници и пријатели во таа насока, и притоа не би сакал да зборувам за притисок зошто овдека знаете, долги години сте овдека, ги знаете европските институции, тука е европската солидарност, сите тие се еднавки независно голема или мала држава и тие не работат по принципот на притисоци, ние најмалку. И тука сакам да разбијам една илузија, една теза која ја слушаме со месеци од Софија, дека ние овде во Северна Македонија, во Скопје, одвај чекаме да дојде некој друг на власт таму, бидејќи со овие не сме можеле да се договориме. Не чекаме други луѓе таму, чекаме кој било, кој бугарските граѓани ќе го идентификуваат, ќе го дефинираат, ќе го кажат кој е. Значи политичка власт која тие ќе си ја изберат да влезе во разговори со нас. Зборувајќи за европските наши пријатели, вие знаете дека 26 земји членки на ЕУ имаа спротивен став од бугарската опозиција, меѓутоа принципот на целосен консензус оневозможи почнување на разговори. Така што нема потреба другиве 26 држави да ги убедувате, а се разбира немаме намера да порачуваме направете притисок за да ние се протнеме. Нашата теза секојпат била и во спорот со Грција, кој траеше толку долго, се надевам дека овој нема ни приближно толку да трае, беше дека ние сакаме да разговараме за европските принципи и за меѓународни стандарди. Ако е меѓународен стандард, вие или јас, било кој, и во Бугарија и било каде секој индивидуално да се дефинира што е и како е и дека никој не смее тоа да го оспори. Не гледаме причина во рамки во контекс на европските интеграции да зборуваме дали ти или некој од надвор може да напише на хартија, ти не си тоа што мислиш дека си. Значи сакаме да зборуваме само и само за европските принципи, ништо повеќе, ништо помалку. Дали имате план Б, алтернатива, доколку Северна Македонија остане блокирана? Мојот одговор, ова прашање ми го поставуваат долги години кога бевме во спор со  Грција, поточно Грците со нас. Јас постојано велев дека нашиот план Б, ние имаме план Б, нашиот план Б е планот А. Мораме да продолжиме да разговараме со Европа, бидејќи таа не е единствената, меѓутоа е најдобрата алтернатива за нас. И од тој аспект, ова сакам посебно да го апострофирам. Вчера на моите европски соговорници им реков дека  последнава година делумно заради пандемијата и пред се заради блокадата по мое длабоко уверување беше неправедна и зад која европската солидарност застанаа сите други европски земји членки, евроскептицизмот кај нас, во Северна Македонија, се зголеми. И тоа беше трансферирано на едно друго ниво како поддршка за некои други алтернативни регионалнни организации. На пример од Евроазија јас на средбите им цитирав прецизни податоци од анкети кои се познати на македонската јавност во кои се зборува за драстично зголемен интерес на нашите граѓани. Значи не зборам за статистичка маргина или грешка, зборувам за десетици и десетици проценти на луѓе кои колку до вчера биле за ЕУ безпоговорно, сметајќи дека тоа е најдобрата опција, сега соочени со оваа втора блокада и со размислувањето дека можеби не дај боже тоа ќе трае слично како грчката блокада, а вели еден живот имаме, дајте да видиме нешто друго. Тоа е опасност, затоа што без поддршка од граѓаните, ни јас ќе бев тука кај што сум, ниту Владата ќе беше таму каде што е, а да не заборавиме и 2019 претседателските избори и 2017 и овие последниве од минатата година, оваа политичка структура ги доби имено на евроатлантската агенда и на се што е поврзано со тоа, подобар жвиот, повеќе инвестиции, повисок животен стандард итн. Значи ние практично немаме ниедна битна внатрешна работа која не е истовремено поврзана со европската агенда, дури и меѓуетничките односи да бидат хармонизирани, да бидат стабилни, да бидат што е можно подобри, се иста европска вредност, бидејќи Европа е составена од различности. Така што, според мене, и тоа останува далеку, далеку најдобрата опција за нас. Ама што ако понатаму во текот на годините зарди вакви блокади кои се базираат на квази аргументи ние останеме во предворјето на ЕУ. Прво, што ќе се случи е, скептицизмот ќе расте и понатаму со тенденција да стане доминантен, значи да биде над 50 проценти, и второ ќе имаме уште позасилен бран на иселување. Да не заборавиме ние за есента го презакажавме пописот. Јас ви кажувам моето лично уверување и тоа што го знам од моите колеги во Скопје на кое било ниво, не само во Влада, туку во кој било сегменет од општеството сите се плашиме од резултатите кои ќе ги видиме на пописот, бидејќи чуствуваме, знаеме, гледаме, имаме компаративни споредби на извештаи кои што кажуваат дека ние сме далеку од оние бројки кои сме ги имале пред само 10, 15 или 30 години. Дали ЕУ не го гледа падот на поддршката кај граѓаните?  Не, ЕУ го гледа, меѓутоа уште повеќе го гледа другата организација со седиште во Брисел, тоа е НАТО Алијансата и тоа е најдобрата работа која ни се случи после Преспанскиот договор. Зборувам од аспект на безбедноста и стабилноста на државата како предуслов за каков било друг развој, економски, личен, итн. Денеска ми претстојат средбите со ракводоството на Алијансата, можам да ви кажам дека во оваа прва година од нашето членство имавме исклучително добра соработка во таа сфера. Влеговме како полноправна членка во тој механизам за размена на информации, и навреме ги добиваме сите информации кои се однесуваат и на нашиот регион и на нашата земја конкретно и се разбира враќаме тоа што го имаме како квалитетна информација за остатокот од тој го нарекуваат евроатлантски простор. Во изминатава година дена завршив една значајна фазата прва, обемна комплексна фаза на издавање на безбедносни сертификати на над стотина луѓе кои се во политиката, во службите итн, министерствата и разно разни, значи сите оние кои имаат контакт со класифицирани информации и тука помошта од НАТО кое има огормно искуство во таа сфера беше навистина незаменливо. Ќе се вратам сега на регионот. Безбедноста во регионот била секогаш испреплетена, секогаш. Значи не е возможно вие да имате немирно соседство, а вие да сте стабилен мирен и да не се секирате за тоа. И обратно, ако една од државите генерира нестабилност, другите не се сосема сигурни. Ние, добро е што сме опкружени со земји членки на НАТО, а на Косово имаме значајно присуство на Алијансата секако, меѓутоа во однос сега се враќам на вашето прашање, во однос на нон пејперот јас бев првиот и тоа не го кажувам за да се пофалам, првиот во регионот кој пред две години во неколку наврати гласно пред медиумите зборуваше за опасноста од прекројување на граници и размена на други територии кои беа актуелни во тој период особено на иницијатива на бившата американска администрација. И сега го мислам истото, добро е што по повод овој нов бран нон пејпер посточеки и непостоечки, фантомски, добро е што повеќемина од највисоките политички нивоа во Европа се јавија. Пред два дена тоа го направи господинот Борел, кој рече дека тие идеи се апсолутно неприфатливи. После 30 години инвестирање во регионот, наше пред се на луѓето кои таму живееме, и помош од меѓународна заедница, сега ние ќе размислуваме за сосема друга парадигма ќе менуваме граници за да живееме подобро.Тоа е рецепт за кланица. Тоа е рецепт за војна која може да биде пострашна според своите последици од оние во 90-тите. Што се однесува до безбедноста, како ги коментирате нон пејперите што се појавија последниов период за прекројување на границите, и дали очекувате од генералниот секретар јасна порака дека прекројувањето на границите не доаѓа предвид? За второто можам да ви кажам веднаш дека знам дека ќе добиеме такво уверување и гаранција, бидејќи конечно основниот принцип кога се здружувате во НАТО, основниот принцип и Вашингтонскиот договор знаете напад врз еден се третира како напад врз сите останати и тоа не се однесува само за традиционални закани, туку се однесува и за овие нови хибридни закани, асиметрични закани итн. Значи од тој апскет немаме ние проблем да добиеме, сме добивале и ќе добиеме и до сега добиваме поддршка од НАТО. Во однос на нон пејперот јас немам видено нон пејпер освен она што беше некој мене да ми го кажал или да ми го предал или да ме консултирал за некаква таква содржина од освен она што е во медиуми објавено. Тука сакам да предупредам на една друга по мене опасност, мислам дека станува збор за работа која веројатно понатаму ќе се открива како што ќе се одвиваат настаните. Завчера видов еден сосема нов, трет, четврти незнам кој по ред нон пејпер, кој е наводно некаква француско германска инициајтива. Од она што го разбравме од нашите колеги од двете држави не само по линија на НАТО и билетарално, таков документ тие официјално како државни институции на тие не направиле, не продуцирале, не поделиле. Сега сакам да предупредам на тоа, мислам дека во наредниот период, а тоа веројатно веќе се случува, некои центри кои се надвор од нашиот регион и кои не му посакуваат добро на регионот, ќе продуцираат се такви некакви нон пејпери нови и нови со цел да направат практично тоа е една од тн. хибридни закани да ја намалат вредноста на институциите, довербата на граѓаните во домашните институции и да речат ова е хаос, нашиве што прават, никој за ништо не води сметка, а циркуклираат, ќе се менуваат граници, нови војни ќе почнуваат, значи едноставно да внесе конфузија во главите на сите нас што живееме таму. Инаку просто неверојатно онолкави дипломатии, држави со традиција, земји кај коишто политиката се третира на најсериозен можен начин, како што се Франција и Германиија, да продуцират туку така на дневна основа нон пејпери во кои има дури и детализирани работи. Нон пејперот по дефиниција е базичен инцијален концепт за потоа да влеземе во разговор евентулано ако има интерес на другата страна. Овој последниов нон пејпер е прилично детален, дури ги нагласува и ги набројува надлежностите кои одредени тела, незнам на Косово би требало да ги има. Тоа не се случува никогаш со нон пејперите. Затоа мислам дека станува збор во еден дел, не велам дека цела оваа серија е таква, во еден дел за лажни нон пејпери кои се намерно направени по некои центри на моќ кои не му посакуваат добро на Балканот.

Тања Милевска

Остани поврзан