• понеделник, 23 декември 2024

Паѓа рејтингот на Милановиќ кај Хрватите, расте на Пленковиќ

Паѓа рејтингот на Милановиќ кај Хрватите, расте на Пленковиќ
Загреб, 10 мај 2022 (МИА) - Пад доживеа популарноста на претседателот Зоран Милановиќ кај Хрватите, додека раст на политичкиот рејтинг е забележан кај премиерот Андреј Пленковиќ, покажа истражување објавено од РТЛ. Милановиќ и понатаму е најпозитивен политичар во очите на гласачите. Но, тој сега има 20.6 отсто поддршка, за разлика од април, кога рејтингот му беше 22 проценти. Ова, од февруари е најлош рејтинг за Милановиќ, пишуваат медиумите. Премиерот Андреј Пленковиќ, според резултатите, е вториот најпозитивен политичар во очите на гласачите. Неговиот рејтинг изминатиот месец забележа раст за 2.5 отсто, па, сега, во мај, изнесува 18 проценти. Коментарите се дека, се чини, оти Пленковиќ профитира од конфликтот со Милановиќ. Истражувањето, спроведено од агенцијата Промоција плус, за најнегативен политичар го прогласи Андреј Пленковиќ. За таков го оцениле 28 отсто од испитаниците. Од друга страна, Зоран Милановиќ е оценет како најнегативен политичар од страна на 23.5 отсто од анкетираните, што е негов најлош рејтинг од почетокот на мандатот. Во април, за најнегативен го сметаа само 17.9 проценти од гласачите. ХДЗ ја поддржува 26.1 отсто од избирачите, СДП забележа благ раст - 17.5 проценти. Платформата Можеме! што управува со Загреб, има поддршка од 12.6 отсто од анкетираните. Мост има поддршка од 9.2 отсто, Татковинско движење со 4.8 проценти, а останатите партии со помалку. Неодлучни се над 17 отсто од гласачите во Хрватска. бд/сд/

Остани поврзан