• петок, 22 ноември 2024

Пашинјан: Ерменија не учествуваше во подготовката на текстот на договорот за прекин на огнот

Пашинјан: Ерменија не учествуваше во подготовката на текстот на договорот за прекин на огнот

Ереван, 20 септември 2023 (МИА) - Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денеска изјави дека Ерменија не учествувала во подготовката на текстот на договорот за прекин на огнот во Нагорно Карабах. 

Пашинјан објасни дека неговата канцеларија само ја нотирала одлуката дека властите во Нагорно-Карабах се согласиле на прекин на огнот, пренесоа руските медиуми. 

-Ерменија нема војници во Карабах од август 2021 година, додаде тој. 

Договорот за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските војници во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци, беше постигнат денеска со посредство на рускиот мировен контингент, соопштија локалните ерменски и азербејџанските власти. 

Договорот треба да стапи на сила денеска во 13 часот по локално време или во 11 часот по средноевропско време, јавија британските медиуми.

Разговорите меѓу азербејџанските и локалните ерменски власти во отцепениот регион за неговата „реинтеграција“ во Азербејџан треба да се одржат утре во азербејџанскиот град Јевлах.

„Преку посредство на командата на рускиот мировен контингент беше постигнат договор меѓу азербејџанската страна и претставниците на Нагорно Карабах за целосен прекин на непријателствата. Спроведувањето на овие договори ќе се изврши во координација со командата на рускиот мировен контингент“, соопшти руското Министерство за одбрана. 

Договорот предвидува повлекување на ерменските воени единици и опрема од Нагорно Карабах, како и разоружување на локалните одбранбени сили, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан. 

Азербејџан вчера почна воена операција во Нагорно-Карабах и употреби силен артилериски оган врз тамошните ерменски позиции. 

Локалните власти соопштија дека во нападите биле убиени и повредени десетици лица. сд/

Остани поврзан